Наставниците и директорката на основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола им приредија музичко изненадување на своите ученици, изведувајќи ги детските песни „Боби баш ми е гајле“ и „Визба стара и гитара“ и „Излажи ме уште еднаш“ од Тоше Проески. Со овој настап ги изненадија учесниците на училишното „Талент шоу“, кое се одржа втора година по ред, со учество на 50 ученици.
Целта на манифестацијата е преку креативни активности да се поттикнат учениците редовно да ја посетуваат наставата. Условите за учество беа редовно посетување на часовите и поседување талент.
„Учениците беа многу посветени и креативни, па решивме да ги почестиме со песна. Додека жирито одлучуваше кој е најдобар, излеговме на сцената и испеавме три песни. Се подготвувавме и одржавме неколку проби. По настапот, родителите ни рекоа дека догодина и тие ќе пеат. Среќни сме што создадовме вистинска сплотеност помеѓу наставниците, учениците и родителите“, вели Билјана Темелкова, директорка на ООУ „Ѓорги Сугарев“.
Учениците претставија разновидни таленти: пеење, свирење инструменти, танцување, фризерство, шминкање, изработка на накит. Имаше и драматизации целосно осмислени од децата, од текстот до кореографијата.

Наставниците ги изведоа песните „Боби баш ми е гајле“, „Визба стара и гитара“ и „Излажи ме уште еднаш“. (Фото: СДК.МК)
Најдобрите учесници добија дипломи и можност да посетат културни настани. Минатата година најталентираните ученици добија билети за концертот „Виена во Битола“.
„Ова е креативна сила што им помага на учениците уште повеќе да го засакаат училиштето и да се чувствуваат пријатно во него. Ќе продолжиме и идната година, со желба манифестацијата да прерасне во традиција“, вели Темелкова.
Од почетокот на манифестацијата, во чија реализација значаен придонес има наставничкиот кадар, се интензивирала и работата на воннаставните секции. Како пример за зголемениот интерес е двојно поголемиот број членови на училишниот хор.
ООУ „Ѓорги Сугарев“ е мултиетничко училиште, во кое настава посетуваат македонски и ромски ученици.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



