НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“ ВОВЕДУВА ШУМСКИ РЕД И МЕРКИ ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ НА МОЛИКАТА

    НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“ ВОВЕДУВА ШУМСКИ РЕД И МЕРКИ ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ НА МОЛИКАТАНапоредно со чистењето на теренот ќе се работи и студија за ревитализација на страта моликова шума со подмладни јадра. (Фото: СДК.МК)

    Националниот парк „Пелистер“ во соработка со шумарски експерти започна со воведување шумски ред и чистење на теренот од дрвја кои беа оштетени при временските непогоди во текот на зимата. Големото невреме со снег и силен ветер во ноември и декември 2024 турна голем број стебла од најстарата и најкомпактна моликова шума на Пелистер, меѓу кои и моликовото стебло кое опстојуваше повеќе од 250 години и од кое познатиот германски ботаничар Август Гризебах во 1839 ги зел примероците за својот хербариум со кои докажал дека моликата вирее на Пелистер.

    „Свесни сме за значењето на овој исклучително важен шумски екосистем и затоа решивме да одиме максимално внимателно со спроведувањето на овие мерки. Јавноста треба да знае дека станува збор за мерки кои ќе се спроведуваат во период од 5 до 6 години најмалку, за да ги видиме резултатите по 10, 15, па и повеќе години. Но мора да реагираме сега доколку сакаме овој појас со најстара моликова шума да биде сочуван за следените генерации“, рече Иванчо Тошевски, директор на Национачниот парк.

    Активностите на терен се спроведуваат согласно Законот за шуми и со добиени решенија од Шумскиот инспекторат.

    „Шумскиот ред се воведува зашто постои опасност штетните видови на инскети и габи од оштетените стебла како секундарни штетници, многу брзо да се размножат и да станат примарни штетници и да заразат здрави стебла“ , рече Зоран Пројчевски, раководител на Помошно-техничкото одделение во „Пелистер“.

    Моменталната состојба се должи на тоа што со години не беа преземени соодветни одгледувачки мерки за моликата. Сега, напоредно со чистењето на теренот ќе се работи и студија за ревитализација на старата моликова шума со подмладни јадра.

    „Одиме кон природно обновување на моликата преку подмладни јадра, односно секој простор каде се оштетени стари дрвја, треба да се исчисти и да се подигне млада моликова шума. Тоа не значи дека старата ќе претрпи големи измени, туку ќе се подобри нејзината стабилност и здравствена состојба и отпорност кон влијанија. Тоа не е потег што еднаш ќе се направи, потребна е континуирана посветена работа долг период“, рече Николче Велковски од Факултетот за шумарски науки од Скопје.

    Моликата, балкански ендемит, е македонски растителен бренд зашто тоа е единствен вид дрво кое во светската дендрофлора е прво откриено во Македонија, односно на Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира