Веќе една недела во Куманово во вечерните и утринските часови се чувствува непријатна миризба, која ги пече очите и тера на повраќање. Загадувањето на воздухот почнува во попладневните часови, а кулминира околу 22 часот кога градот е обвиткан во густ чад, особено населбите во пониските делови. Уште посилна миризба се чувствува наутро.
Непријатната миризба се чувствува во сите делови на градот, бидејќи реагираат жители од населбите Гоце Делчев, Драган Стопаревиќ, Перо Чичо, Октомвриска револуција, Тоде Мендол, Карпош…
„Има една недела како се случува нешто со воздухот во Куманово. Значи, некој испушта нешто на стемнување околу 19 часот и околу 5 часот наутро. Ова утро не можевме од дома да излеземе колку смрдеше. Тоа се прави само ноќе, дење ја нема таа миризба. Ова се случува со години, некој свесно нè труе. Едно време вака смрдеше од фабриката Кожара. Оваа миризба е одвратна, остар мирис, тера на повраќање, остава горчлив вкус во устата и пече по очите. Добиваш нагон на повраќање“, вели кумановка.
Од Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово велат дека се запознаени со случајот и веќе работат на терен за откривање на загадувачите, но апелираат до граѓаните ако видат некоја сомнителна активност или спалување на каков било отпад да пријават во инспекциските служби.
„Ова е загадување од поголеми размери, а постои можност и да не е од територијата на Општина Куманово, бидејќи ние немаме капацитети на тешка индустрија. Запознаен е и Државниот инспекторат и се работи на откривање на причинителот. Во моментот ги чекаме резултатите од станицата за мерење на загаденоста на воздухот за да ги видиме параметрите“, велат од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово.
Куманово со години е на листата на градови со најзагаден воздух, но тоа е обично во текот на зимата.
С. НИКОЛИЌ