НЕ ДОБИВМЕ ПАРИ ОД ИПАРД ИАКО БЕВМЕ НА ДВЕ ПРЕЛИМИНАРНИ ЛИСТИ, ДОБИТНИЦИ СЕ ФИРМИ КОИ ГИ НЕМАШЕ НА ТИЕ СПИСОЦИ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКА МАСЛОДАЈНА

    НЕ ДОБИВМЕ ПАРИ ОД ИПАРД ИАКО БЕВМЕ НА ДВЕ ПРЕЛИМИНАРНИ ЛИСТИ, ДОБИТНИЦИ СЕ ФИРМИ КОИ ГИ НЕМАШЕ НА ТИЕ СПИСОЦИ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКА МАСЛОДАЈНА„Кристал 1923“ аплицирала за 1,5 милиони евра за две машини за замена на технолошка линија за производство на маргарин. (Фото: СДК.МК)

    Велешкиот производител на масло за јадење „Кристал 1923“ (Маслодајна) реагира за распределбата на средствата од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД на ЕУ од повикот во 2024 година. Листата беше објавена на крајот од јули годинава. Меѓу фирмите кои конкурирале, ја нема и велешката Маслодајна, иако била присутна на двете прелиминарни листи. На втората била на половината, 21. од 43. компании на листата. „Кристал 1923“ аплицирала за 1,5 милиони евра.

    ИПАРД е самата програма и фондот на Европската Унија наменет за модернизација на македонското земјоделство, додека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) е институцијата на терен која менаџира со тие пари, ги објавува повиците, ги проверува апликациите и ги врши исплатите до земјоделците и фирмите.

    „Не можеме да најдеме причина зошто сме отфрлени. Нè имаше и на двете прелиминарни листи, на втората и со повеќе поени бидејќи сме откупувач на сончоглед, кој потоа го преработуваме. На наше големо изненадување, на финалната листа не нè имаше. Но затоа имаше други фирми кои не беа на претходните. Првично беше објавено дека резултатите ќе бидат објавени до декември 2024 година, а повикот беше распишан на 12 јули 2024. За овие две години воопшто не добивме никаква информација за текот на постапката, што се случува, зошто се одолговлекуваше“, вели Олгица Стојанова, директорка на производство во „Кристал 1923“.

    Во добиеното решение за одбивање од 24 јули годинава пишува дека „согласно освоените бодови, не постојат расположливи средства за финансиска поддршка“.

    „На конечната ранг-листа има 24 компании кои воопшто не фигурираат на прелиминарната листа. Не е познато врз основа на каква постапка се вклучени во добивањето финансиска помош“, додаде Стојанова.

    Маслодајна аплицирала за добивање две машини за замена на технолошка линија за производство на маргарин. Првата е опрема за кристализација, втората опрема е за пакување маргарин. Од ИПАРД програмата не ни одговорија која е причината зошто апликантот е одбиен, а на листата се фирми кои ги немало на прелиминарните листи.

    „Имајќи ја предвид обврската на Агенцијата за заштита на податоците и информациите содржани во поединечните предмети, не сме во можност на трети лица да доставуваме информации за конкретни апликанти, нивните барања, документацијата, текот на постапката, оценувањето или причините за донесените поединечни одлуки. Информации што се однесуваат на конкретно барање и постапката по него можат да бидат соопштени на самиот барател, односно на негово овластено лице, во согласност со важечките прописи и процедурите на Агенцијата“, ни изјавија од ИПАРД.

    Додаваат дека можат да одговорат на прашања од општ карактер поврзани со спроведувањето на јавниот повик бр. 01/2024.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира