НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ИМА БАКТЕРИИ ВОДАТА ОД ИЗВОРИТЕ ВО ЕЛШАНИ И ВЕЛЕСТОВО ВО ОХРИД

    НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ИМА БАКТЕРИИ ВОДАТА ОД ИЗВОРИТЕ ВО ЕЛШАНИ И ВЕЛЕСТОВО ВО ОХРИДВо Елшани е и кампот Елешец и населбата со вили и Лагадин. (Фото: СДК.МК)

    Водата од изворите во охридските села Елшани и Велестово не смее да се користи за пиење, откако лабораториските анализи извршени од Центарот за јавно здравје во Охрид покажале присуство на бактеријата ешерихија коли и колиформни бактерии. Врз основа на добиените резултати, надлежните донеле решение за забрана за користење на водата за пиење.

    Во Елшани е и кампот Елешец и населбата со вили и Лагадин.

    „Се задолжуваат месните заедници во Елшани и Велестово да постават јасно и видливо предупредување дека водата не е за пиење“, велат од Општина Охрид.

    Според информациите, примероците од водата биле земени пред два дена, а веќе утре ќе бидат направени нови лабораториски анализи за да се утврди моменталната состојба. Сепак, дури и ако новите анализи не покажат присуство на бактерии, тоа не значи дека водата автоматски е безбедна за пиење. Причината е што овие селски водоводи не се хлорираат, односно немаат континуирана дезинфекција, што е законски предуслов водата да биде здравствено исправна за пиење.

    Според локалните експерти, станува збор за долгогодишен проблем кој ги засега голем дел од селските водоводи во Охридскиот Регион. Загадувањето најчесто е последица на навлегување на фекални води од септички јами, сточарски објекти и други извори на загадување во извориштата и водоводната мрежа.

    Жителите на Елшани со кои разговаравме велат дека водата редовно ја користат за пиење и подготовка на храна и дека досега не забележале никакви здравствени тегоби.

    Во рурални средини управувањето со селските водоводи е во надлежност на Месните заедници, кои одлучуваат дали ќе обезбедат редовно хлорирање. Поради малиот број жители и ограничените финансиски средства, во многу села не се издвојуваат средства за континуирана дезинфекција на водата.

    Слични случаи и претходно биле евидентирани во селата Косел, Вапила, Сирула и други населени места, а проценките се дека околу 90 проценти од селските водоводи се соочуваат со истиот проблем.

    Надлежните препорачуваат до добивање на новите резултати и понатамошните насоки, жителите водата од овие извори да не ја користат за пиење и подготовка на храна.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира