Градоначалничката Данела Арсовска, која денеска после 6 месеци се појави на прес-конференција, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ е крива што Скопје е без автобуси и градот е валкан. Вели дека таа нема никаква вина, да било до нејзе во градот сè ќе било спроведено, но советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ги блокира програмите и затоа таа не може ништо да реализира. Прес-конференцијата е по вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски за решавање на проблемите во Град Скопје.
„Зошто целата вина ја префрлате врз мене, да беше до мене досега градот ќе беше среден, јас решенија имам од прв ден. Не можам јас да имплементрирам нешто за што утре ќе одам в затвор. Без овие програми за работа на јавните претпријатија не можете ништо да направите. Јас за нешто за што не сум виновна не прифаќам и нема да прифаќам вина. Тоа што ветив ќе го спроведев уште во 2022, ако советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги гласаа програмите и не ме блокираа“, речe Арсовска.
Таа рече дека вчера понудила решенија за средбата со премиерот Христијан Мицкоски, но тој и неговиот тим не ги прифатилe, па сега ќе спреми нови и в четврок ќе ги претстави пред советниците во Советот на Град Скопје. Што понудила како решенија беше прашана неколкупати од новинарите, но Арсовска не одговори.
Рече дека Владата има долг од 8 милиони евра за бесплатен превоз на студентите кој не се исплаќа од 2021 и затоа нема доволно автобуси на улиците, а ВМРО-ДПМНЕ не гласа да се набават нови.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој заедно претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески присуствуваше на вчерашната средба на Мицкоски со Арсовска во Владата, вчера рече дека таа не понудила никакви решенија и дека за да ги спроведува проектите не ѝ требаат програми бидејќи собирање ѓубре и одржување на возниот ред на автобусите е основна дејност на јавните претпријатија.
Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2021, а лидерот Мицкоски ја фалеше и велеше дека е жена менаџерка и токму таа треба да стане градоначалничка. Арсовска и Мицкоски се скараа десет месеци откако таа ја презеде функцијата, а кавгата почна поради менаџирањето на парите за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект од 200 милиони евра европски пари што треба да го спроведе „Водовод и канализација“. Златко Перински, кој стана директор на „Водовод“ кога Арсовска дојде на власт, по кавгата беше резрешен.
А. АНТЕВСКА