НЕ МОЖАМ ДА ЈА СПРЕЧАМ ИЗГРАДБАТА НА 9-КАТНИЦАТА КАЈ МАЈЧИН ДОМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗЛАТКО МАРИН

    НЕ МОЖАМ ДА ЈА СПРЕЧАМ ИЗГРАДБАТА НА 9-КАТНИЦАТА КАЈ МАЈЧИН ДОМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗЛАТКО МАРИНГрадоначалникот Марин кажа дека не била можна ниту размена на земјиште на друга градежна парцела оти просторот е станат градежна парцела и инвеститорот барал од 8 до 10 милиони евра, што би ја блокирало работата на Општината во наредните 4 години (Фото: СДК.МК)

    Во моментов нема решение за да спречи градбата на зградата кај Мајчин дом, ова е затекната ситуација што на секој начин пробавме да ја смениме, но не можевме, кажа денеска градоначалникот на Општина Аеродорм Златко Марин, откако вчера почна изградбата на деветкатницата во зеленилото. Марин кажа дека откако дошол на функцијата доставиле 13 преставки до Уставен суд за поништување на овој Детален урбанистички план (ДУП), но досега не добиле никаков одговор и според законот мораат да издадат решение на инвеститорот.

    Според Марин, одлуката за прогласување на мораториум како што постапува Општина Центар не била законска и затоа тој одлучил да не носи такво решение.

    Просторот кај Мајчин дом од вчера е ограден и почнати се градежни работи (Ѓ. Личовски)

    „Мојот став останува непроменет, зграда пред Мајчин дом не треба да има. Токму затоа, откако стапив на функција направивме интерна ревизија на планот и доставивме 13 преставки до Уставен суд, кој до ден денес нема доставено никаква одлука, ниту го стави во мирување, ниту го поништи планот. Ги поддржувам граѓаните да излезат и јасно да го кажат својот став за оваа зграда, а после протестот ги повикувам да дојдат во Општината да им ја објасниме состојбата“, рече Марин.

    Градоначалникот Марин кажа дека не била можна ниту размена на земјиште со друга градежна парцела оти просторот е станат градежна парцела и му се зголемила вредноста, па инвеститорот барал од 8 до 10 милиони евра, што би ја блокирало работата на Општината во наредните 4 години.

    „Во една година откако сум градоначалник, во завршна фаза е градинка во Ново Лисиче, набавени се 1.700 набавено садници, улиците кои ги правиме не ги броиме. Со неколку коментари на Фејсбук сигурно нема да дадам оставка, 20.000 луѓе ми ја дале поддршката“, кажа Марин.

    Советот на Општина Аеродром под водство на ВМРО-ДПМНЕ, на 5 април 2017 ненадејно го усвои Деталниот урбанистички план И10, за кој советниците од тогашната опозиција предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи. Планот се однесува на делот покрај Вардар од Железничка станица до Мајчин дом и предвидува низа нови објекти поради кои се одзема од зеленилото, како и сервисни улици и паркинзи во служба на новите објекти. Најмногу реакции предизвикува тоа што, покрај планираните останати висококатници, со планот на парцелата покрај Мајчин дом на 3.500 квадратни метри е предивидено да се гради 9-катница, а поради паркинг за неа ќе се сече дрворед и ќе се уништува зеленило.

    По усвојувањето на ДУП-от, револтираните граѓани, кои со месеци се бореа против донесувањето, најавија дека ќе го оспорат на Уставен суд и протестираа секој ден, но без успех.

    Златко Марин, како претседател на Општинската организација на СДСМ во Аеродром, на протестот на 6 април 2017 изјави дека овие нови градби ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат кон загадувањето на воздухот и го повика тогашниот градоначлник Ивица Конески од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали има личен бизнис интерес тука.

    „Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Го повикуваме Ивица Коневски, да одговори на следните прашања: Прво, дали е точно дека позади градбата кај Мајчин Дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата ‘Масив констракшн’ ја купил парцелата? Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис интерес тука?“, рече тогаш Марин и побара итно повлекување на спорниот ДУП.

    Парцелата кај Мајчин дом е покрај булеварот Јане Сандански, од црквичето „Св. Стефан“ кон трговскиот центар „Три бисери“. Таа била државно земјиште но е продадена и веќе десетина години е во приватна сопственост, ама без можност да се гради. Со новиот план е овозможено да се гради објект од 9 ката.

    Кон крајот на 2017, споственикот „Масив констракшн“ парцелата ја продал на компанијата „ЗСФ – ком“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, на која сопственик е Фатмир Етеми, поранешен пратеник од ПДПА – НДП.

    Според Агенцијата за катастар на недвижности, во април 2017 кога беше усвоен планот, „Масив констракшн“ беше сопственик на неизградено земјиште со површина од 3.538 метри квадратни. Според податоците од Катастарот, ова е парцела број 193/2, а имотниот лист број 45115 се води на Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги „Масив констракшн ДОО СКОПЈЕ“. Ова друштво е со адреса на улица Димитрие Чуповски, 23. Единствените информации за „Масив констракшн“ на Интернет се од консолидираниот финансиски извештај на „Камчев консалтинг ДООЕЛ Скопје“ за 2014, каде ова друштво е наведено како подружница. Таму стои дека Групата „Камчев консалтинг“, покрај матичното друштво за консултантски услуги, ја сочинува и подружницата „Масив констракшн“ заедно со „Орка холдинг“, Клиничка болница „Аџибадем систина“, Фондација Камчев, „Кара“, потоа „АРХИ ДОО“, „ЕК-ОР ДООЕЛ“, придружното друштво „Графички центар ДОО СКОПЈЕ“, сите овие компании ги поврзува името на бизнисменот Јордан Орце Камчев.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари