НЕ МОЖЕ „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ И „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ДА СЕ ПОДЕЛАТ МЕЃУ ОПШТИНИТЕ, ЗАКОНОТ НЕ ГО ДОЗВОЛУВА ТОА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИ

    НЕ МОЖЕ „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ И „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ДА СЕ ПОДЕЛАТ МЕЃУ ОПШТИНИТЕ, ЗАКОНОТ НЕ ГО ДОЗВОЛУВА ТОА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИПерински се согласува дека треба да се воведе комунална полиција и вели дека во наредниот период ќе се работи на тоа.(Фото: К.Попов)

    Јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ не може да се поделат меѓу скопските општини како што бараат градоначалниците оти постојните закони тоа не го дозволуваат, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.

    Скопските градоначалници пред две недели побараа од Владата да се одземат ингеренциите кои Град Скопје ги има врз овие две претпријатија, опремата и вработените да се поделат меѓу скопските општини и тие сами да си чистат и да го одржуваат зеленилото. Но, министерот Перински вели дека ова нивно барање во моментов не е возможно да се реализира бидејќи бара законски измени и време, а тоа нема го реши моменталниот проблем со хигиената во Скопје.

    „Надлежностите на Град Скопје се строго утврдени во Законот за локална самоуправа во член 22. Во ставот 4 точно е наведено дека делот од собирање, третирање и одлагање на комуналниот отпад е законска надлежност на Град Скопје и тука нема никаква дилема. За да се реализира барањето кое стигна од ЗЕЛС треба да се сменат неколку закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, што значи дека согласно постојните законски решенија, спроведување на нивното барање во моментот не е можно. Дополнително сметаме дека во пракса за да се спроведе ова барање ќе треба многу повеќе време отколку да се решат институционално проблемите во Градот и Советот. Затоа ние тоа и го понудивме на градоначалничката Данела Арсовска и се надеваме дека ќе почнат да се наоѓаат решенија за проблемите на скопјани“, вели Перински.

    Скопските градоначалници побараа и формирање на комунална полиција за да може да се воведе ред во градот. Перински се согласува дека треба да се воведе комунална полиција и вели дека во наредниот период ќе се работи на тоа.

    „Јас сакам да направиме чекор плус односно таа комунална полиција да има основ да ги казнува и локалните самоуправи за непостапување. Во моделите кои ги разгледувам сите комунални полиции се во рамки на локалните самоуправи, па се поставува прашањето кој ќе ги контролира и Општините ако не постапуваат. Затоа сметам дека во наредниот период треба да седнеме заедно со Министерството за внатрешни работи и ЗЕЛС и да донесеме едно добро решение“, додава Перински.

    Тој смета дека потребен е нов Законот за локална самоуправа бидејќи постојниот е донесен пред 20 години.

    „Зошто да не се разгледа и опцијата за отповикување на градоначалник. Видовме какво тероризирање на Скопје му се случува во последниве години“, додава Перински.

    Во врска со најавите за поделба на овие две јавни претпријатија, од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ велат дека тие не можат независно да функционираат, бидејќи градот е една целина.

    „Дали е направена вистинска анализа или бараат инстант одговор на можеби краткорочен проблем? Дали на крај ќе завршиме само со 10 директори место еден, 10 пати повеќе администрација, а проблемите ќе останат?“, прашуваат од „Шанса за Центар“.

    Понатаму, оттаму појаснуваат дека скопското зеленило не се само паркчињата меѓу зградите и долж улиците, туку има работи во градот кон кои пристапот треба да е унифициран, а општините да поддржат и надополнат.

    „Овие прашања се премногу крупни за да се одлучуваат така брзо и без опсежна дебата која ќе ги вклучи сите засегнати страни вклучително и граѓанскиот сектор. Штетата од брзоплети одлуки по градот може да биде уште поголема и трајна!“ велат од граѓанската иницијатива.

    А. АНТЕВСКА.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира