НЕ НИ ТРЕБААТ БЕРЛИНСКИ ЅИДОВИ ВО КИСЕЛА ВОДА, ЖИТЕЛИ НАЈАВУВААТ СТРАЖА ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА НОВ КРУЖЕН ТЕК ВО ПРИПОР

    НЕ НИ ТРЕБААТ БЕРЛИНСКИ ЅИДОВИ ВО КИСЕЛА ВОДА, ЖИТЕЛИ НАЈАВУВААТ СТРАЖА ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА НОВ КРУЖЕН ТЕК ВО ПРИПОРГрафички приказ на кружниот тек кој што треба да ги поврзе Аeродром и Кисела Вода.

    Жители на улиците Христо Татарчев 1 и 11 во Припор ќе стражарат на градилиштето за нов кружен тек за да не продолжи градењето со кое нивните улици се затвораат со висока бетонска ограда. Место на новиот кружен тек, тие се жалат дека ќе мораат да кружат до крстосницата кај Цементарница.

    „Ова е само втор ден протести. Нема да дозволиме да ни ги затворат улиците. Ќе инсистираме на ново решение и ќе стражариме на улицата за да не продолжи градењето иако се пеколни горештини. Не ни требаат Берлински ѕидови во Кисела Вода“, вели жител на една од улиците кои треба да се затворат.

    Новиот кружен тек треба да ги поврзе Аeродром и Кисела Вода. Булеварот Србија се продолжува до кружниот тек преку кој се поврзува со улицата Христо Татарчев. На кружниот тек, според сегашните планови, ќе излегуваат пет улици, а останатите две ќе се затворат. Жителите велат дека синоќа дознале дека на Христо Татарчев 1 и 11 Градот планира да стави висока ограда за да ги затвори од страната на новиот кружен тек и бараат ново решение.

    Кружниот тек во Припор заеднички го најавија поранешениот премиер Никола Груевски и градоначалниците на Скопје и на Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ. Тој е дел од проектот за проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, кој чини 98 милиони денари.

    Од Градот засега нема објаснување зошто одлучиле да ги затворат улиците туку уверуваат дека тоа нема да се случи.
    „Градот Скопје на оваа локација гради нова кружна крстосница и не станува збор за никакво затворање на улици. Нас ни е јасно од каде граѓаните добиле информација дека ќе бидат затворени пристапите до нивните домови и ве уверуваме дека тоа нема да се случи. Ние сме во постојан контакт со изведувачите, Општина Кисела Вода како и со жителите“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Град Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира