НЕ ОСТАВАЈТЕ ЃУБРЕ И НЕ ГИ ОШТЕТУВАЈТЕ БИЛКИТЕ КОГА ГИ СОБИРАТЕ, АПЕЛИРААТ РЕНЏЕРИТЕ ОД ПЕЛИСТЕР

    НЕ ОСТАВАЈТЕ ЃУБРЕ И НЕ ГИ ОШТЕТУВАЈТЕ БИЛКИТЕ КОГА ГИ СОБИРАТЕ, АПЕЛИРААТ РЕНЏЕРИТЕ ОД ПЕЛИСТЕРЈа користиме планината, но не смееме да ја загадуваме, рекоа ренџерите на работилница од проектот „Одржливо искористување на растителни природни ресурси“ (Фото: СДК.МК)

    Собирачите на лековити, ароматични, овошни и шумски билки се вљубеници во Националниот парк Пелистер и не ги оштетуваат растенијата, но некои од нив треба да внимаваат зад себе да не оставаат ѓубре, апелираа ренџерите на работилницата од проектот „Одржливо искористување на растителни природни ресурси“, спроведен од Балканската федерација за одржлив развој, финансиран од ЕУ и УНДП.

    „Шумските производи треба внимателно да се берат, да не се оштетуваат плодовите. Но, треба да ја зачуваме и планината во добра состојба. По бербата, некои несовесни лица знаат да остават ѓубре. Ја користиме планината, но не смееме да ја загадуваме. Имаме добивка, а оставаме ѓубре“, рече ренџерот Иљо Стеријовски.

    Во рамките на проектот се вршат мониторинг, мапирање на лековити, ароматични, овошни и шумски растителни видови, како и обуки на собирачите и ренџерите.

    „Од тоа ќе произлезат и квотите и ќе се одреди биопотенцијалот, односно продуктивноста на одредени видови, за подоцна Министерството за животна средина да може да одреди колкава количина може да се собира“, рече Силвана Манасиевска, тим лидер на проектот.

    Собирачите на Пелистер добиваат легитимации и маркици и во последно време нема некои прекршувања на правилата од нивна страна.

    „Линцура како атрактивен вид е забранета за собирање и се води сметка кој, каде и како ја собира. Оние кои не го почитуваат ова, се опоменувани. Боровинката, на пример, треба да е билошки зрела за да може да се собира и некои не се придржуваа до тоа, па имавме и неколку случаи каде беа покренати судски постапки“, рече Пеце Цветановски од Националниот парк Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира