ВЛАСТИТЕ ДА НЕ ГИ КРИЈАТ ОД УНЕСКО ДИВОГРАДБИТЕ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ГАЛИЧИЦА“ И ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, БАРА НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР

    ВЛАСТИТЕ ДА НЕ ГИ КРИЈАТ ОД УНЕСКО ДИВОГРАДБИТЕ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ГАЛИЧИЦА“ И ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, БАРА НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОРДржавата нема комуникација со невладиниот сектор за заштита на Охридскиот Регион, иако тоа е според препораките на УНЕСКО, реагираат невладините организации. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанските организации од Охридско-Струшкиот Регион се жалат на нетранспарентност на македонските институции и дека се недоволно вклучени во доставување на извештаите за состојбата со заштитата на Охридскиот Регион, кои се испраќаат до Центарот за светско наследство на УНЕСКО како одговор на забелешките на реактивните мисии кои го посетуваат овој регион. Велат дека треба да бидат активно вклучени за да се споделат реалните факти кои одговараат на состојбите на теренот.

    Ндерим Положани од невладината „Капс Струга“, вели дека државата нема комуникација со невладиниот сектор, иако тоа е според препораките на УНЕСКО.

    „Со ваквата хаотична состојба во урбанизацијата страда туризмот во Струга и Охрид. Голем проблем се и заштитата на Охридското Езеро и човечкото влијание врз екосистемот. Ние формиравме Стратегија за комуникација, која е препорака од УНЕСКО, но интересот на Владата и другите институции не е каков што треба да биде“, вели Положани.

    Со ист став е и Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид. Според него, со последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО му се дава обврска на државата да ги вклучи граѓанските организации, но тоа и понатака не се случува.

    „Не ги вклучуваат граѓанските организации затоа што знаат дека тие отворено кажуваат за проблемите, а проблемите не треба да се кријат. Треба да се решаваат. Граѓанските организации треба да се вклучат при подготовка на извештаите, а не тоа да се прави во канцеларија и така се презентира погрешен извештај. Погрешен извештај до УНЕСКО, погрешни мерки и така ситуацијата се влошува“, вели Киселинов.

    Од невладината Центар за управување со промени (ЦУП) од Скопје, велат дека овој случај е комплексен и проблемот е повеќеслоен.

    „Пред сѐ, вклучувањето на граѓаните во процесите на носење на одлуки и планирање на јавни политики мора да биде правило, а не исклучок и тоа не треба да зависи од препорака на некоја меѓународна организација. Додека од друга страна, прашањата за надлежност институциите мора експресно да ги решаваат, а не да се кријат позади „судирот на надлежности“ како оправдување зошто не испорачуваат резултати за граѓаните“, велат од ЦУП.

    Извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација, реагираа лани граѓанските организации од Охрид, Струга и Поградец и кажаа дека не е првпат да се поднесува ваков извештај. (Фото: СДК.МК)

    Забелешките на УНЕСКО најмногу се однесуваат на дивоградбите и урбанизацијата во крајбрежниот појас од струшкото село Радожда до Свети Наум во Охрид, урбанизацијата во централното градско подрачје, нефункционирање на колекторот,  дивоградбите во Националниот парк „Галичица“ и невклучување на јавноста.

    Централната и локалната власт во однос на проблемите со кои се соочува Регионот си ја префрлаат топката, велат од невладиниот сектор.

    „Државните и локалните институции не соработуваат оти се од спротивни партии“, велат тие.

    Од ЦУП велат дека секоја нова политика треба да биде скроена низ широк, инклузивен и јавен процес на консултации, кој подразбира вклучување на граѓаните во јавни дискусии и понатаму отсликување на нивните ставови и потреби во официјалните документи (стратегии, планови и слично) на кои институциите понатаму ќе работат.

    „Повеќе од една деценија постои обврска за институциите за вклучување на сите засегнати страни во креирањето на политиките, но сведоци сме дека во пракса ова или се избегнува или се спроведува само формално. Вредноста на процесот на јавни консултации е дека дава поголем легитимитет на политиките, бидејќи на овој начин граѓаните т.е. даночните обврзници учествуваат во процесите на управување со државата. Ова уште полесно може да се оствари на локално ниво, каде заедницата е во поголем дел мобилизирана, а сепак во конкретниов случај гледаме дека не се случува“, велат од ЦУП.

    Од Локалната самоуправа велат имаат обврска да работат во интерес на граѓаните, да реализираат проекти, мерки и активности кои ќе придонесат за подобри услови во сите урбани и рурални делови од општината, но поради актуелното ниво на децентрализација на ингеренциите, голем дел од нивната работа е поврзана со институциите на централно ниво. Тоа особено се однесува на Охрид, поради заштитените зони на културно и природно наследство.

    „Но за жал, од политички причини таа взаемна соработка со голем дел од институциите е веќе доведена во прашање, што е недозволиво, со оглед на фактот дека се работи за Охрид, најголемиот туристички центар во нашата држава и нашата национална гордост. Затоа би требало да има многу поголема поддршка од самата централна власт, без разлика кој од која политичка партија е. Во контекст соработката со државните институции можам да истакнам дека со Министерството за локална самоуправа, со Бирото за регионален развој до сега имаме многу коректна соработка. Додека со останатите министерства и државни институции практично и да немаме соработка“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

    Тој истакнува дека особено најотежната соработка има со Министерството за култура, за кое смета дека „практично е кочничар на секој еден проект кој го спроведуваме и е поврзан со соодветни одобренија“.

    „Единствено соработуваме во насока на спроведување на препораките на УНЕСКО и тоа е единствената точка во која имаме соработка и комуникација, се настрана од тоа, би рекол дека е опструкција“, вели Пецаков.

    Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска неодамна кажа дека најголемиот дел од ингеренциите ги имаат општините Охрид, Струга и Дебарца.

    УНЕСКО пред две години побара од институциите да изготват стратегија и план за заштита на природното наследство, но Струга сè уште нема изработено ни регистар на дивоградби. (Фото: СДК.МК)

    Уривање на дивоградби и ограничување на градбите во старото градско јадро се само дел од задолженијата што им ги даде Владата на надлежните институции по препораките на УНЕСКО, а Законот за легализација на бесправно изградените градби повторно беше повлечен од собраниска процедура токму поради забелешките од Националната комисија на УНЕСКО.

    „Во овој случај имаме конверзија на неколку сектори, туризам, култура и урбанизам, и гледаме дека проблемот на координација е голем и во конкретниов случај се протега веќе неколку години и институциите не испорачуваат никакви резултати. Значи, администрацијата (како на локално така и на централно ниво) гледаме дека не е ефикасна.  Координацијата на институциите на сите нивоа е неопходна, бидејќи сите се одговорни за испорака на резултати согласно приоритетот на заштита на културното наследство. Приоритетот постои и во Националната развојна стратегија на државата, Националната стратегија за култура, како и во политичките ветувања на сите партии, оттука ниедна институција не смее да се изземе од одговорност да придонесува кон реализација на овој приоритет“, велат од ЦУП.

    Во февруари беше најавена мониторинг мисијата на УНЕСКО која на терен ќе испитува колку од препораките за заштита на Охридскиот Регион се исполнети. Непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион во загрозено светско природно и културно богатство.

    Поголем дел од невладиниот сектор останува на мислење дека Охридскиот Регион треба да биде ставен на листата на загрозено наследство оти на тој начин УНЕСКО ќе помогне со експертиза и фондови.

    За извештајот за напредокот со состојбата со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион кој државата треба да го достави, невладините повторно не очекуваат дека ќе ја отслика реалната состојба оти, како што велат, мисијата не излегува на лице место туку ќе биде напишано тоа што ќе им биде презентирано.

    Лани на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Ријад, Саудиска Арабија, беше донесена одлука дека Охридскиот Регион останува на листата за светско наследство на УНЕСКО. (Фото: СДК.МК)

    „Ние намерно баравме да се излезе на терен и да се видат проблемите на лице место и истите да се евидентираат. Тие ги прифаќаат извештаите од Националната комисија на УНЕСКО, од Министерство, а тие се лажни извештаи. Тие не коренспондираат со реалната состојба на терен. Зошто никој не го спомнува хотелот ‘Парк’ кој е на 30  метри од Езерото, зошто никој не ги спомнува дивоградбите во НП Галичица?“, прашува Киселинов.

    Од ЦУП велат дека транспарентноста и отчетноста на институциите имаат огромно значење за овие процеси на јавни консултации.

    „Со цел овие процеси да бидат ефикасни и ефективни, граѓаните треба да ги имаат сите потребни информации пред себе, истите да можат лесно да ги најдат и истите да се доволно податливи. На крајот од денот, институциите од јавниот сектор во исклучителни ситуации донесуваат класифицирани податоци кои не ги објавуваат, а во конкретниов случај не станува збор за таков сектор“, велат од ЦУП.

    Минатата година, на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа во Ријад, Саудиска Арабија, беше донесена одлука дека Охридскиот Регион останува на листата за светско наследство на УНЕСКО.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска тогаш потенцира дека тоа е последица на заедничките напори на Македонија и Албанија за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

    Експертските тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што е е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот.

    „Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските, централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Граѓанските организации од Охрид, Струга и Поградец и тогаш реагираа дека извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација.

    „Извештајот е обичен копи-пејст, направен и поднесен до УНЕСКО. Многу аспекти од овој извештај не се точни и не кореспондираат со реалната ситуација. Неконтролираната урбанизација е спомната со четири реченици, иако е голем проблем во Националниот парк Галичица, а некојси црвен елен се појавува на половина страна. Значи, урбанизацијата е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти, со цел да се оддалечи вниманието на јавноста од овие проблеми“, кажа Киселинов.

    Од Центарот за управување со промени велат дека тие преку проектот „Преосмислување на управувањето“ заговараат и на активно работат е да се воспостави систем на меѓусебна координација на институциите, кој нема да дозволи застој во развој во областа како во конкретниот случај.

    „Воспоставување на функционален систем на координација на политиките ќе ги принуди засегнатите институции да реагираат веднаш, со усогласени активности и оптимално користење на ресурсите на државата. Време е носителите на одлуки и политичките партии да станат свесни за нивната одговорност пред граѓаните за испорака на подобри резултати за граѓаните, согласно стратешките цели на државата и политичките ветувања дадени пред избори“, велат од ЦУП.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира