НЕ САКАМЕ ЗЕЛЕНИЛО, САКАМЕ СТАНОВИ ЗА ДЕЦАТА, РЕАГИРАА ГРАЃАНИ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ДУП-ОТ ЗА ДЕБАР МААЛО 2 И ГРАДСКИ ПАРК

НЕ САКАМЕ ЗЕЛЕНИЛО, САКАМЕ СТАНОВИ ЗА ДЕЦАТА, РЕАГИРАА ГРАЃАНИ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ДУП-ОТ ЗА ДЕБАР МААЛО 2 И ГРАДСКИ ПАРКСо новиот план станбените објекти ја задржуваат постојната состојба односно висина, но им се намалува големината на градежната парцела. Тоа значи дека градежната парцела на која може да се гради и доградува објектот ќе биде 70 отсто, а другиот простор треба да биде за зеленило и паркирање.-Од јавната презентација на ДУП-от во Општина Центар. (Фото: СДК.МК)

„Зеленилото не е приоритет во овој план, ете ни го Градски парк, сакаме поголеми парцели да им обезбедиме станови на децата“, рекоа граѓани на денешната јавна презентација на Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2.

Планот кој денеска се презентираше во Општина Центар се однесува на просторот од паркот во делот кај бараките на Град Скопје  до арената „Тодор Проески“, како и делот на Дебар Маало, од парк до зградата на Владата.

Со новиот ДУП се предвидува кај бараките на Град Скопје наместо деловен објект со пет ката, да има монтажен паркинг со спортски игралишта на кровот. На местото на бараките на Судот за прекршоци, со стариот план биле предвидени да се градат две згради. Сега тие маркички се бришат и тој дел ќе биде зеленило. Кај салата „Партизан“ се предвидува изградба на училиште и градинка. Маркичката „Кермес“ останува со максимална висина од 7,9 метри односно приземје плус еден кат. Намалена е катноста на ресторанот „Опатија“, која со претходниот план била приземје плус три ката, а сега е приземје плус еден кат.

Станбените објекти ја задржуваат постојната состојба односно висина, но им се намалува големината на градежната парцела. Тоа значи дека градежната парцела на која може да се гради и доградува објектот ќе биде 70 отсто, а другиот простор треба да биде за зеленило и паркирање. Исто така со планот се предвидува одалеченоста од еден до друг објект да биде минимум 6 метри.

Токму ова решение ги разлути граѓаните кои бараат да им се зголемат парцелите и катноста, дека веќе имале преддоговори со инвеститори и дека не им треба зеленило.

„Каде сте виделе во светот во центар на град меѓу зградите да има одалеченост и искористеност на парцелата до 70 проценти. Секаде објектите се залепени едни до други. Не сакаме зеленило, си го имаме паркот во непосредна близина, сакаме развој за да можеме да им оставиме станови на децата. Не ни требаат паркинг места, инвеститорите ќе направат подземно паркирање под зградите. Не го сакаме планов, повлечете го“, извикуваа граѓаните на претставниците на општина Центар кои им го објаснуваа планот.

„Сите сакате да имате паркинг простор, а не сакате да се откажете од дел од вашата парцела, сите сакате чист воздух, а овдека барате поголема катност“, рече Биљана Насковиќ, раководител на одделението за урбанизам и планирање во општина Центар.

Јавната анкета за планот трае до 31 јануари, до кога граѓаните можат да пополнат анкетни листови со нивните забалешки во однос на планот.

А. АНТЕВСКА

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира