НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ ХОЛОКАУСТОТ, ОДБЕЛЕЖАНА 79-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД ШТИП И БИТОЛА ВО НАЦИСТИЧКИТЕ ЛОГОРИ

    НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ ХОЛОКАУСТОТ, ОДБЕЛЕЖАНА 79-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД ШТИП И БИТОЛА ВО НАЦИСТИЧКИТЕ ЛОГОРИАмбасадорките на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и на САД Кејт Мари Брнз положија цвеќе заедно со претставнциите на Еврејската заедница и градоначалникот на Штип. (Фото: СДК.МК)

    „Не смееме да заборавиме на холокаустот и во ова тешко време за светот треба да бидеме сложни и заеднички да работиме такво нешто повторно да не се случи“, рекоа амбасадорите на САД Кејт Мари Брнз и на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј денеска во Штип на споменикот на депортираните Евреи од Штип. Комеморација по повод 79-годишнината од депортацијата на битолските Евреи во логорот на смртта Треблинка се одржа и во Битола.

    Амбасадорките Брнз и Галовеј кажаа дека се почестени од поканата на Еврејската заедница да присуствуваат на денешната комеморација за холокаустот и дека за нив трогателно било она што го слушнале за случувањето за време депортирањето на Евреите од Македонија.

    Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Пепо Леви, рече дека тоа студено утро на 11 март 1943 фашистите буквално од кревет ги собраа сите 535 штипски Евреи, жени, мажи, деца и ги депортираа во логорите на смртта. Прашан што мисли за обидот Бугарија да ја ревидира македонската историјата, Пепо Леви кажа дека во оваа трогателна прилика не сака да зборува за тоа, уште повеќе што Еврејската заедница на својата веб страница јавно го има кажано својот став по тоа прашање. Тој се заблагодари на Општина Штип за досегашната грижа за спомен обележјата во градот.

    На 10 декември 2020, Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија јавно ја повикаа владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент – да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста. Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е возможно, бидејќи негирањата на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување, кажаа од Еврејската заедница и Фондот и инсистираат дека „овој став во никој случај не смее и не може да биде протолкуван како антибугарски кон денешна демократска Република Бугарија и нејзиниот народ“.

    „Овој ден носи голема порака тоа што се случило во минатото никогаш да не се повтори, но за жал сведоци сме дека насилствата во светот продолжуваат затоа што некои го користат оружјето како инструмент за доминација и посакувам догодина, кога ќе се одбележи 80-годишнината од депортацијата на сите 7.144 евреи од Македонија, да испишеме страница на мирот во целиот свет“, рече градоначалникот на Штип Иван Јорданов.

    На Споменикот на жртвите од холокаустот, цвеќе положи и Шели Леви Друмар, внука на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, чие име денес го носи Здравствениот дом во градот. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола, пораката неше дека настаните од минатото треба да бидат наша опомена во денешнината – да не дозволиме трагедиите да се повторуваат. На Споменикот на жртвите од холокаустот, цвеќе положи и Шели Леви Друмар, внука на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, чие име денес го носи Здравствениот дом во градот. Познатиот лекар Абраванел(1896-1984) од Пирот, за време на Втората светска војна го спасил Арслан Резниќи, жител на Ѓаковица, тогаш Кралство на Југославија, денес Косово. Неговото име се наоѓа на списокот на „праведници меѓу народите“ и според некои извори им помогнал на 43 еврејски семејства. Му бил благодарен на Абраванел зашто му ги излекувал децата од тифус. По војната докторот живеел во Битола. Но, во 1963 година во катастрофалниот земјотрес во Скопје ги загубил ќерката, синот и зетот, па му останала само внуката Шели. По ова со сопругата и внуката се преселиле во Израел.

    „Драго ми е да бидам повторно во Битола по периодот со ковид кога немавме никакви настани и се враќаме сега во нормален живот. Се надевам дека ова е само почеток на комеморациите што ќе следуваат, а се подготвуваме за идната година кога ќе биде 80 години од депортацијата на Евреите во Битола и цела Македоинија ќе направиме голем настан“, рече Шели Друмар.

    Израелската амбасадорка Симона Франкел рече дека е првпат во Битола и дека е ова многу емотивен настан за неа. Градоначалникот Тони Коњановски упати апел да не дозволиме трагедиите од минатото да се повторуваат во денешницата.

    „Се сеќаваме на еден трагичен настан од историјата на Битола од 1943 година кога 7.144 Евреи од цела Македонија, а меѓу нив и 3.351 битолски Евреи беа депортирани и завршија во логорот на смртта Треблинка. Сеќавањето на овој ден значи одавање почит кон загинатите наши сограѓани, но и наша опомена во денешнината- да не дозволиме трагедиите да се повторуваат, да се губат човечки животи и да се изгуби создаденото. Со меѓусебна соработка и разбирање да се насочиме кон негување на вредностите и создавање услови за напредок“, рече Коњановски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ/Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира