НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ СО „ШПАНСКИ СКАЛИ“ ДА ПРОДОЛЖИ УНИШТУВАЊЕТО НА ГРАДОТ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА 57-ГОДИШНИНАТА ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС

    НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ СО „ШПАНСКИ СКАЛИ“ ДА ПРОДОЛЖИ УНИШТУВАЊЕТО НА ГРАДОТ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА 57-ГОДИШНИНАТА ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕСГодинава, одбележувањето на катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 јули 1963 беше со изложбата „Скопска алеја на меѓународна солидарност“ во Градскиот парк; - Градоначалникот Петре Шилегов на отворањето. (Фото: Град Скопје)

    Не смееме да дозволиме „Скопје 2014“ да продолжи да го уништува она што остана неуништено во градот и затоа не смеат да се градат „Шпанските скали“, рече градоначалникот Петре Шилегов на одбележувањето на 57-годишнината од скопскиот земјотрес.

    Годинава, одбележувањето на катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 јули 1963 беше со изложбата „Скопска алеја на меѓународна солидарност“ во Градскиот парк. Шилегов на отворањето на изложбата кажа дека во овој период се носи Деталниот урбанистички план Мал ринг и дека Градот како институција и тој како градоначалник ќе направат се’ лудилата кои се случуваа во минатото да не се повторуваат во иднина.

    „Не смееме да дозволиме ‘Скопје 2014’ да продолжи да го уништува она што остана неуништено во нашиот град. Заради ова е важно и да нема нови градби од типот на ‘Шпанските скали’. На Скопје му требаат нови паркови и нови зелени површини, околу ова прашање сите се согласуваме. Ние, сегашните жители на Скопје, ќе продолжиме да градиме мостови, паркови, булевари и ќе продолжиме да се грижиме и да го сакаме Скопје“, рече Шилегов.

    По катастрофалниот земјотрес, голем број држави испратија помош во Скопје. Благодарение на светската солидарност се изградени Музејот на современа уметност, Универзална сала, Младинскиот културен центар (МКЦ), Хидрометеоролошки завод, Детската болница во Козле, Поликлиника Букурешт, како и цели населби во Тафталиџе, Ѓорче Петров, Драчево.

    Шилегов најави дека годинава ќе заврши постапката за враќање на старите имиња на улиците во Скопје, кои мината власт ги промени.

    „Ретки се градовите што доживуваат катастрофи од вакви размери, но уште се поретки тие што се издигнале со помошта на целиот свет, токму затоа Скопје припаѓа на светот. И токму поради светската солидарност ние го имаме светот во мало. Погледнете ги само имињата на нашите улици: Осло, Багдадска, Финска, Стокхолмска, Париска, Лондонска, Московска, Мексичка. Тие и денес говорат за солидарноста на светот”, кажа Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира