НЕДОСТИГААТ 24 СУДИИ ВО СУДОВИТЕ ВО БИТОЛА

    НЕДОСТИГААТ 24 СУДИИ ВО СУДОВИТЕ ВО БИТОЛАEден судија в понеделник заминува во пензија, а уште тројца во 2024, па Основниот суд во Битола ќе остане со 11 судии. (Фото: СДК.МК)

    Дури 10 судии недостигаат во Основниот, а 14 во Апелациониот суд во Битола. По одлуката на Судскиот совет, во Основниот суд во Битола треба да има 25 судии, но моментално се 17 од кои двајца се делегирани во Прилепскиот и Кичевскиот суд, со што остануваат 15 судии. Дополнителен проблем е тоа што еден од нив в понеделник заминува во пензија, а уште тројца во 2024, така што Основниот суд во Битола ќе остане со 11 судии.

    „Секоја година имаме зголемување на предмети. Во 2021 вкупен број примени предмети беа 31.235, а во 2022 беа 35.280 предмети. Имаме зголемување на бројот на предмети, а намалување на бројот на судии. Проблем ни е делегирањето судии. Најкритично е во Прилеп каде нема судии и тие се пополнуваат со делегирање од Битола и Скопје“, вели Драган Јаковлевски, претседател на Основниот суд од Битола.

    По систематизација во Основниот суд Битола треба да има 162 судски службеници, а вработени се 100, од кои 23 се на определено време и секоја година се обновуваат договорите.

    „Тоа ни претставува проблем зашто додека се чека согласност до Минсистерството за финансии, два до три месеци се работи без нив, и другите вработени се оптоварени и се создава застој во работата“, додава Јаковлевски.

    И Апелациониот суд од Битола нема кадар. Порано беа 25 судии, а сега се 11. Претседателот Петар Србиновски вели дека недостатокот на судски кадар создава потешкотии во работењето. Се обидуваат преку Судскиот совет да обезбедат пополнување на судските места, но недостигаат кандидати со доволен стаж за избор во Апелационен суд, а зголемен е и бројот на пензионирања.

    „Кривичниот совет работи со тројца судии, треба да бидат пет, па поради потребите се вклучуваат судии од граѓанскиот оддел. Не е лесно граѓанскиот судија да се вклучи во работењето по предмети кои не ги работел претходно или го работел многу малку“, вели Србиновски.

    На Апелациониот суд во Битола му недостигаат и други судски службеници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира