Негувателка во градинка „Ангел Шајче“ во Куманово е позитивна на коронавирус. Директорката Марина Алексовска вели дека вработената во петокот не дошла на работа затоа што имала здравствени проблеми со симптоми кои не се типични за ковид-19, но откако се тестирала излегла позитивна. Ова е прв случај на коронавирус во кумановските градинки.
„Веднаш постапивме по алгоритамот во вакви ситуации и го пријавивме случајот во Центарот за јавно здравје во Куманово. Тие телефонски стапиле во контакт со родителите и врз основа на сознанијата донеле одлука дека во моментот нема потреба од затворање на групата, односно да не се стават во изолација децата и вработените од тој објект, затоа што се преземени сите безбедносни мерки за заштита од ковид-19 во градинката“, изјави директорката Алексовска.
Директорката вели дека вработените строго ги почитуваат протоколите за работа и носат заштитна опрема, маска и визири, држат физичка дистанца, немаат контакт меѓу вработените и родителите, ниту пак се мешаат децата и вработените во другите групи, а редовно се дезинфицираат занималните по заминување на децата.
Алексовска вели дека тие ја следат состојбата и понатаму, а покрај Центарот за јавно здравје, за новонастаната состојба се известени Министерството за труд и социјална политика и локалната самоуправа Куманово.
С. НИКОЛИЌ