НЕКРОЛОЗИ СЕ ЛЕПАТ НА ДРВЈА И БАНДЕРИ ОТИ КУМАНОВО НЕМА ЈАВНИ ТАБЛИ

    НЕКРОЛОЗИ СЕ ЛЕПАТ НА ДРВЈА И БАНДЕРИ ОТИ КУМАНОВО НЕМА ЈАВНИ ТАБЛИКуманово нема јавни огласни табли, па речиси на секое дрво или празен простор на електичен столб висат некролози (Фото: СДК.МК)

    Куманово е еден од ретките градови во државата каде нема огласни табли за јавни потреби, па граѓаните некролозите ги лепат на бандери и дрвја. Поради тоа, речиси на секое дрво или празен простор на електичен столб висат плакати на починати. Најмногу ги има во центарот на градот, на дрворедите на улицата помеѓу двата плоштада и пред старата општинска зграда.

    Куманово оваа година слави 500 години постоење, прогласен е за Европски град на спортот, а конкурирaше и за македонска престолнина на културата.

    Граѓаните бараат локалната самоуправа под итно да најде решение и да постави табли.

    „Ако Куманово се декларира како европски град мора да се откаже од селските навики. Сликата е многу грда. На секој чекор имаме плакати од починати лица, дел искинати и расфрлани. Јас сум приватен стопанственик и многу често патувам низ Македонија, дури и во многу помали места имаат посебни одредени места и поставени табли каде се објавуваат некролозите. Обично се поставени на фреквентни места каде граѓаните можат да ги објавуваат жалните вести, а граѓаните да се информираат“, вели кумановец.

    Советникот Зоран Петрушевски од ГРОМ со години бара од Општина Куманово да го реши овој проблем и да обезбеди простор во градот и во приградските населби за потребите на граѓаните.

    „Не ми се познати причината зошто не сакаат да го направат тоа. Од неажурност, од неинвентивност, од немарност, од немање визија за овој град. Не е скап проектот да се вадат на тоа. Се работи за две шипки и една метална табла, исфарбана од двете страни за да може културно да се постави и да се симне, а не вака висат по дрвјата“, вели Петрушевски.

    Од Секторот за комунални дејности во Општина Куманово велат дека Советот има донесено одлука за поставување огласни табли како дел од урбана опрема, ама не е спроведена. Утврдени се и локациите каде треба да се постават.

    „Табли треба да има во центарот на градот, на градскиот плоштад, кај црквите, кај Зелениот пазар и на други пофреквентни локации. Општината во овој момент нема доволно средства во Буџетот, но ќе вложиме напори во најкраток временски период да се постават таблите“, велат од Секторот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира