Активистите против изградба на рудникот Иловица во струмичко објавија дека Управниот суд донел пресуда во корист на „Еуромакс“ по нивната тужба откако Владата лани летото не ѝ даде дозвола на компанијата за експлоатација на металични минерални суровини. Како што велат активистите, Управниот суд пресудата ја донел на 31 март годинава и не била објавена никаде, а за која дознале од канадските корпоративни портали. Ѓорги Танушев од здружението „Здрава котлина“ вели дека воопшто не очекувале ваков пресврт на настаните, бидејќи сите аргументи биле во насока да се затвори ова прашање. Тој кажа дека ова било типичен пример дека судството во земјава е корумпирано.
„Бевме изненадени од тоа што го видовме по канадските портали дека Управниот суд во земјава пресудил во нивна корист по тужбата откако второстепената комисија пресече да не им се издаде дозвола за експлоатација. Апелирам до граѓаните да бидат будни бидејќи нема да дозволиме рудник, односно некој да нè труе заради корумпирани судии и политичари. Ќе им застанеме на патот. Нема да дозволиме некој да нè манипулира и поради корумпирани судии да го губиме здравјето“, кажа Ѓорги Танушев од „Здрава котлина“, која со години ја водеше борбата против изградба на рудник.
Од Управниот суд не добивме официјален одговор што стои во образложението од пресудата иако ветија дека ќе ни одговорат во најкус можен рок. Како што дознаваме, до нив од „Еуромакс“ има стасано две тужби. Една за неиздадената дозвола за експлоатација за која веќе пресудиле и другата за раскинувањето на договорот за концесија од страна на Владата при крајот на минатата година.
За пресудата не сакаа да коментираат ниту од канадската компанија „Еуромакс“. Оттаму соопштија дека се подготвени да ги преземат сите активности заедно со Владата за да се продолжи развојната програма и обезбедување на сите дозволи.
„Во оваа прилика повторно нагласуваме дека нашиот приоритет е непроменет и останува ист – безрезервна посветеност и подготвеност да ги преземеме сите конструктивни активности заедно со Владата за да продолжиме со развојната програма и обезбедување на сите дозволи и согласности од надлежните институции. Нашата цел е да изградиме и одговорно да оперираме со рударскиот комплекс ‘Иловица-Штука’ како ‘вин-вин’ проект од заемен интерес и во корист како на инвеститорите, така и на националната економија и граѓаните“, соопштија од компанијата.
Владата минатата година донесе одлука заради непочитување на роковите да не му даде дозвола за експлотација на металични минерални суровини од Иловица на „Еуромакс“ за да при крајот на годината и да го раскине и договорот за концесија.
В. ТРАЈКОВ