Ако сакаме да создадеме идни вредни вработени кои нема да доцнат на работа, нема да дозволиме во системот на образование да доцнат на часови, да се наспијат па да дојдат на настава, одговори пред Советот на Општина Велес директорката на средното стручно училиште „Коле Неделковски“ Весна Стојанова-Богоевска, по забелешките од советничката Елизабета Митревска-Анѓелевска, дека учениците од година в година имаат сè поголем број на изостаноци.
Во учебната 2019/20 година во ова средно школо имало 17.280, а изминатата 2022/23 – 38.184 изостаноци. Од нив неоправдани биле 4.084 или 10,6%.
„Во нашето училиште и за доцнење на настава која почнува во 7,15 ч. се забележува неоправдан изостанок. Врата во училиштето се затвора кога ѕвони ѕвончето за почеток на часот. Толерираме ако превозот на учениците доцни. Ако учениците не ги научиме на редовна посета на настава, какви тоа ученици ние воспитуваме? Какви идни граѓани подготвуваме, идни вработени обучуваме? Да доцнат на работа, да се наспијат па да дојдат на училиште? Дали треба да попуштиме и учениците да доаѓаат на настава кога тие ќе поскаат, или треба да го држиме редот и дисциплината на училиште?“, праша директорката.
Таа рече дека голем е бројот на неоправдани изостаноци, но ред мора да има.
„Нема попуштање за бегање од часови, за немање оправдување, за фалсификувани лекарски оправдувања кои не се потврдени од родителите, сè се тоа неоправдани изостаноци. За жал, работни навики некои ученици немаат стекнато и тука мора да работиме со колегите од основното образование. Најнередовни се матурантите, а според оценките тие имаат највисок просек на оценки“, кажа Стојанова-Богоевска.
П. ПЕЧКОВ