НЕМА ДОПОЛНИТЕЛНИ 55 ПРИВАТНИ АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, САМО ГИ ЗАМЕНУВАМЕ СТАРИТЕ ВОЗИЛА СО ПОНОВИ И ЕКОЛОШКИ, ВЕЛАТ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ

    НЕМА ДОПОЛНИТЕЛНИ 55 ПРИВАТНИ АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, САМО ГИ ЗАМЕНУВАМЕ СТАРИТЕ ВОЗИЛА СО ПОНОВИ И ЕКОЛОШКИ, ВЕЛАТ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИГрадоначалникот Орце Ѓорѓиевски веднаш по стапување на функцијата на 7 ноември одржа прес-конференција на паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“, на која рече дека во јавниот превоз се пуштаат нови 55 автобуси.(Фото: Град Скопје)

    Нема дополнителни 55 автобуси од приватните превозници на улиците низ Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веднаш по стапување на функцијата на 7 ноември одржа прес-конференција на паркингот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, на која рече дека во јавниот превоз се пуштаат нови 55 автобуси.

    Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто нема повеќе автобуси на улиците каде што најави Ѓорѓиевски, вели дека бројката не е проширена туку старите возила се заменуваат со понови, кои се еколошки.

    „Полека ги менуваме старите автобуси со еколошките возила кои ги промовиравме на паркингот кај ‘Борис Трајковски‘. Досега се заменете околу 35, а во наредниот период откако ќе помине хомологација, регистрација и боење ќе се заменат уште 20. Нема плус 55 автобуси. За да има, треба Град Скопје да распише оглас за нови линии. Ние возиме на истите линии кои ни беа доделени во мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска“, вели Зафировски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК  на прес-конференцијата на 7 ноември на која Ѓорѓиевски се пофали дека воведува дополнителни 55 автобуси, го праша дали за вклучувањето на новите автобуси има распишано оглас, дали има одлука на Советот на Град Скопје и дали е потпишан договор со приватните превозници, како што била процедурата досега. Тој тогаш не даде конкретен одговор, туку кажа дека во изминатиот период на приватнивците не им биле потпишувани лиценците, што вели дека е причината зошто граѓаните мораа да чекаат со часови на постојките.

    „За новите 55 автобуси се потпишани лиценците и тие се однесуваат за 55 нови автобуси. Сите останати автобуси за кои беше потпишан догоговор меѓу Градот и приватните превозници остануваат, плус се додаваат нови 55. На овие лица некој со месеци не им ги потпишуваше лиценците и правеше опструкции. Дополнително ќе се среди и неплаќањето кон нив“, рече Ѓорѓиевски.

    Во Скопје јавниот превоз и понатаму е нередовен, се вози според скратен возен ред кој беше воведен во време на Арсовска, а наутро и попладне возилата се преполни.

    Град Скопје сè уште има долг кон приватните превозници. Зафировски вели дека има одредена исплата, но уште не се целосно исплатени обрските кон нив.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира