НЕМА МЕСТО ВО ШТИПСКОТО ИНФЕКТИВНО ОДДЕЛЕНИЕ, МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА

    НЕМА МЕСТО ВО ШТИПСКОТО ИНФЕКТИВНО ОДДЕЛЕНИЕ, МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛАМонтажната болница за една недела треба да го добие централниот систем за кислородна поддршка. (Фото: СДК.МК)

    Инфективното одделение во Штипската болница од вчера нема слободни места. Максималниот капацитет од 70 кревети целосно е исполнет, па шест пациенти времено се сместени на Кожното одделение и на Одделението за реанимација.

    „Повеќе од половината се лица од соседните градови. Клиничката слика на болните е различна. Има и тешки случаи кои се на кислородна поддршка. Дел од новозаболените се сместуваат на местата на оние кои оздравуваат и се праќаат на домашно лекување. Изминатите денови имавме и смртни случаи. Смртен случај имаме и денеска, почина пациентка од селото Истибање“, вели раководителката Дијана Шишкова.

    Директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев вели дека има и две резервни решенија. Првото е дека дел од болните можат да се носат во Кочанската болница со која имаат добра соработка и каде има празни места. Наскоро ќе биде решен и најголемиот проблем што Клиничката болница во Штип го имаше со кислородните боци неопоходни за болните со ковид-19.

    „Монтажната болница за една недела ќе го добие и централниот систем за кислородна поддршка што досега беше најголема пречка модуларната болница да не биде ставена во функција. Значи, во скоро време и тој проблем ќе биде решен, а потоа ќе уследи пациентите од Инфективното одделение да се префрлат во монтажната болница која веќе е изградена и е со потребната инфраструктура. Останува само да се асфалтираат приодните патишта до монтажната болница, но тоа може да се направи напоредно со нејзиното ставање во функција“, вели Георгиев и најавува дека по оваа трансформација ќе почне да се реализира меѓународниот проект за целосно реновирање на зградата на Инфективното одделение, како донација од Европските фондови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира