НЕМА ОПАСНОСТ ОД ПОПЛАВИ ВО АЕРОДРОМ, НО ДВИЖЕТЕ СЕ ВНИМАТЕЛНО, КАЖА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ПО ИЗЛЕВАЊЕТО НА ВАРДАР НА КЕЈОТ

    НЕМА ОПАСНОСТ ОД ПОПЛАВИ ВО АЕРОДРОМ, НО ДВИЖЕТЕ СЕ ВНИМАТЕЛНО, КАЖА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ПО ИЗЛЕВАЊЕТО НА ВАРДАР НА КЕЈОТВодата почнала да се излева откако заради градењето на мостот бил попречен дел од речното корито (Фото: ЦУК)

    Општина Аеродром не е во опасност од поплави, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, откако вчеравечер бројни граѓани пријавиле дека нивото на Вардар е значително покачено во пределот каде што се гради новиот мост кај хотелот „Русија“ и го поплавува кејот.

    „Поради градежен зафат направен е насип со кој е попречен дел од речното корито, па доаѓа до подигање на нивото на водата, која во овој период се испушта од системот на мавровските електрани и браната Козјак заради производство на електрична енергија. Колку што можевме да забележиме, граѓаните не се во опасност, освен оние замислени шетачи кои не би ја забележале водата, која не е длабока“, вели Ангелов.

    Тој додава дека поголем проблем може да настане ако има засилени врнежи или нагло топење на снегот, но според временската прогноза, тоа не се очекува во наредните денови.

    „Ако дојде до влошување на ситуацијата, ние имаме разработено неколку сценарија. Моментално нема опасност од поголемо излевање на водата, туку само од таканареченото заезерување на речното корито, поради што би можеле да се поплават десетици метри од кејот, сосе пешачко-велосипедската патека. Нема потреба од паника, но граѓаните треба да бидат внимателни. Местото каде што патеката би можела нагло да заврши во водата ќе биде соодветно обележано“, изјави Ангелов.

    Тој кажа дека насипот кој направи проблем е неопходен за изградбата на мостот и очекува да биде отстранет за десетина дена.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира