НЕМА СПАСИТЕЛИ НА ВОДА НА ПЛАЖИТЕ ВО СТРУГА, ДОЈРАН И ПРЕСПА, ВО ОХРИД САМО ДЕСЕТ ПЛАЖИ СЕ БЕЗБЕДНИ

    НЕМА СПАСИТЕЛИ НА ВОДА НА ПЛАЖИТЕ ВО СТРУГА, ДОЈРАН И ПРЕСПА, ВО ОХРИД САМО ДЕСЕТ ПЛАЖИ СЕ БЕЗБЕДНИНа Преспа, само две плажи се покриени со спасувачи - Плажата Сливница во Претор (Фото: СДК.МК)

    Плажите во Струга, Преспа и Дојран ова лето се небезбедни за капачите оти Општините и концесионерите немаат интерес за ангажирање на спасители на вода. Во Охрид 10  плажи се покриени со спасители осум часа дневно, но и тоа, според охридскиот „Црвен крст“, не е доволно.

    „Поголем дел од плажите во Охрид со кои стопанисуваат правни субјекти немаат поставено спасители на вода и тие и понатаму остануваат небезбедни за капачите“, додаваат оттаму.

    На струшкото крајбрежје само една плажа има ангажирано спасител на вода, во Преспа две плажи се безбедни, додека сите капалиштата во Дојран се без спасители.

    Од „Црвен крст“- Охрид до Министерството за транспорт и врски, Капетанија на пристаништата и Општините Охрид, Ресен и Дојран  испратиле увид на состојбата со безбедноста на капалиштата, но состојбата не е променета. Плажите немаат ниту обележана водена површина според Правилникот за видот и обележување на капалиштата. Нема граничник до каде во езерото е безбедно за пливање иако плажите се преполни со капачи, чамци и бродови.

    Од „Црвен Крст“- Струга велат дека концесионерите не водат грижа за безбедносните стандарди иако тоа им е законска обврска.

    Спасителите се обучени да извлекуваат давеници, да даваат прва помош при посекотини и повреди во вода и на копно, но секоја година интересот кај младите за обука на спасители спласнува.

    „Ниту државата ги препознава овие служби, ниту локалната самоуправа. Години наназад се бориме да направиме Центар за безбедност на вода кој ќе има локација покрај езеро и кој ќе може брзо и ефикасно да реагира. Тоа ќе бидат млади луѓе кои ќе најдат своја занимација, едукација исто како што е Центарот за спасување на планина, но нема интерес за тоа“, вели Сашо Точко, претседател на Црвен крст – Охрид.

    Од почетокот на сезоната до сега на охридското крајбрежје имало три интервенции за извлекување давеници и над 200 интервенции на укажување прва помош.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира