За неколку часа се продадоа сите вакцини против сезонски грип на приватно во Скопје. Денеска, откако почна вакцинацијата, во Центарот за јавно здравје Скопје продадни се сите 2.000 дози од по 800 денари, изјави за државната агенција МИА директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Александар Стојанов.
Стојанов вели дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини кои сè уште не им се испорачани од производителот.
„Осумдесет отсто од категориите граѓани кои требаше да ги добијат бесплатно вакцините, дојдоа кај нас и ги потрошија. Причината е тоа што преку ‘Мој термин‘ оваа недела им е пополнет терминот и луѓето не сакаат да чекаат, сакаат да си платат и да завршат побрзо работа. Луѓето се исплашени и сакаат да си го заштитат здравјето. Тоа го има во цел свет. Белгија за еден ден ги потроши. Минатата година 610 вакцини против грип ги фрливме, немаше кому да ги дадеме“, вели Стојанов.
Комерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ), каде и ќе се врши вакцинирањето.
Министерството за здравство денеска соопшти дека почната е вакцинацијата против сезонски грип и дека годинава, за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона. Термините за бесплатно вакцинирање ги закажуваат матичните лекари, а се вршат во здравствените домови и општи болници во градовите.