НЕМАМ НАМЕРА ДА ДОЗВОЛАМ ДА СЕ ПОТРОШАТ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КЕЈОТ, А ТОЈ ПАК ДА БИДЕ ОКУПИРАН СО КОЛИ, КАЖА ШИЛЕГОВ

    НЕМАМ НАМЕРА ДА ДОЗВОЛАМ ДА СЕ ПОТРОШАТ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КЕЈОТ, А ТОЈ ПАК ДА БИДЕ ОКУПИРАН СО КОЛИ, КАЖА ШИЛЕГОВНа кеј дозволен ќе биде влез само на ограничен број возила во ограничено време и тоа од 8 до 9 наутро и од 14 до 17 часот.(Фото:К.Попов)

    Град Скопје денеска почна со градежни работи за реконструкција на Кеј 13 Ноември, со што како што рече градоначалникот Петре Шилегов ќе се реши хаосот и безредието кое сега владее.

    Се предвидува целосно да се замени плочникот и да се постави нов, за што ќе бидат отстранети летните тераси на кафеаните кои сега се распослани низ цело шеталиште. Потоа завршување на градежните работи летни тераси нема да има в средина туку само пред објектите на локалите, но ќе добијат плус два метри.

    На кејот и понатаму ќе има улица за возилата на вработени во „Телеком“, но ќе бидат поставени две рампи и дозволен ќе биде влез само на ограничен број коли, во ограничено време и тоа од 8 до 9 наутро и од 14 до 17 часот попладне.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша градоначалникот Петре Шилегов како гарантира дека во иднина кејот нема пак да биде паркинг, на него да влегува кој сака и како ќе спречи шеталиштето повторно да не биде заземено од терасите на кафеанџиите.

    „Тоа нема да се случи затоа што е донесен нов Правилник за поставување на урбана опрема и постигнат е договор со кафеанџиите. Ниту една одлука која е донесена не е донесена без консултација со бизнис заедницата од кејот. Кај хотелот ‘Холидеј ин‘ ќе имаме две бетонски бариери кои ќе спречат влез на возила освен во строго определен број, во строго определено време. Немам намера да дозволам за се потрошат 88 милиони денари, а за година и половина да имаме иста ваква ситуација. Ќе направам сè што е во моќ на Градот и во соработка со МВР да се спречи такво дивеење“, рече Шилегов.

    Според проект, партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. Покрај нов плочник, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, ќе бидат поставени смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот.

    Реконструкцијата треба да заврши за 4 месеци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира