НЕВРЕМЕ СО СИЛЕН ВЕТЕР КОРНЕШЕ ПЛАСТЕНИЦИ И МЕТАЛНИ ПОКРИВИ ВО СТРУМИЧКОТО СЕЛО КУКЛИШ

    НЕВРЕМЕ СО СИЛЕН ВЕТЕР КОРНЕШЕ ПЛАСТЕНИЦИ И МЕТАЛНИ ПОКРИВИ ВО СТРУМИЧКОТО СЕЛО КУКЛИШМетална кровна конструкција падна врз оранжериите на семејството Вучков (Фото: СДК.МК)

    Метална кровна конструкција со панели била откорната од невремето што го зафати Струмичко и летала десетици метри пред да заврши врз засеаните оранжерии на семејството Вучков во Куклиш. Уништени се полиетиленските платна, железната конструкција на оранжеријата и дел од посевите со пипер и краставици.

    Миле Вучков вели дека не памети вакво невреме.

    „Беше страшно, сè се случи одеднаш. Како да се споија небо и земја. Видов дека на соседите им ја корне гаражата покриена со метална конструкција. Летна десетина метри во висина. Удри во оревот на комшиите и падна врз оранжериите со пиперки и краставици. Среќа што немаше никој во дворот“, вели Вучков, кој заедно со соседите бара градежна механизација со кран за да се отстрани металната конструкција.

    Во Куклиш речиси да нема домаќинство кое нема штети од силниот ветер. Главно се уништени пластениците под кои се одгледуваат домати, пиперки и краставици.

    „Уништени ми се 20 полиетиленски платна. Штетата ја проценувам на околу 2-3 илјади евра, без да ги вкалкулирам трудот и поседот кој е испокршен. Сега треба повторно да се задолжам и да работам на покривање на оранжериите. Беше грозно, оти вакво невреме не сум видел“, рече Драги Памуков, земјоделец од Куклиш.

    Во Куклиш беа уништени и дел од бандерите, па немаше струја. Екипи на ЕВН ги санираа штетите и поставуваа нови столбови. Освен во Кулиш, штети на пластениците има и во други населени места во Струмичко.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира