Со освоени 2.842 гласа и со двајца советници, независната група „Подобро за Тетово“ влегува во Советот на Општина Тетово. Тие сметаат дека ова е добар резултат од Локалните избори, со оглед на тоа дека има сериозни шанси во Советот да влезе уште еден нивни претставник, за кого уште се чекаат резултатите од гласањето.
„Тетово гласаше, Тетово одлучи, Тетово победи. Успеавме, конечно еве го и клучот со кој се отвораат вратите на Општината за граѓаните. Ова е добар почеток Тетово да добие нов правец, со кој ќе се спречи проектот на деградација и понижување кои му се прават на Тетово со години на ред. Победи искрената заложба за решавање на маките на луѓето и проблемите на градот. Нас нé гласаа тие што сакаат промена. Новиот градоначалник го чека многу работа и отчет во следните 4 години“, изјави Хамди Сулејмани, носител на советничката листа.
Со импровизиран клуч пред вратата на Советот на Општина Тетово, тие го назначија влегувањето во работата на Советот на Општината. Засега не најавуваат никакви коалиции со другите партии во Советот, а исто така нема да поддржат ниту еден од кандидатите за градоначалник на гласањето во вториот круг.
„За вториот круг од изборите за градоначалник ние ќе останеме воздржани, бидејќи сметаме дека граѓаните имаат право самите да одлучуваат. Не сме дошле тука да се пазариме за различни функции, затоа оставаме да видиме какви ќе бидат финалните бројки и кој колку советници ќе добие, па ќе видиме што понатаму ќе правиме. Засега имаме двајца советници и чекаме да се заврши пребројувањето на гласовите од затворениците и болните, со што имаме сериозни шанси да добиеме уште едно советничко место“, вели Сулејмани.
З. АНДОНОВ