НИ ВОЈНАТА НЕМА ДА СПРЕЧИ МЛАДИ ЛИКОВНИ ТАЛЕНТИ ОД УКРАИНА ДА ДОЈДАТ НА „МОНМАРТР“ ВО БИТОЛА

    НИ ВОЈНАТА НЕМА ДА СПРЕЧИ МЛАДИ ЛИКОВНИ ТАЛЕНТИ ОД УКРАИНА ДА ДОЈДАТ НА „МОНМАРТР“ ВО БИТОЛАОрганизаторите кажаа дека на изложбата ќе има 777 цртежи (Фото: СДК.МК)

    И покрај војната, екипа од Украина ќе присуствува на 41. издание на Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, што од 23 до 30 мај ќе се одржи во Битола. Украинската екипа ќе ја сочинуваат ликовен педагог и двајца ученици од „Рокицки“, детско уметничко училиште од Володимир-Волински. Сепак, тие се единственото училиште од Украина кое ќе допатува во Битола, иако дури десет испратија цртежи и сите се наградени со златни палети и дипломи.

    „И во овие турбулентни времиња на светско ниво, имаме околу 85 гости од 14 држави. За жал, нема да има деца од евроазиските школи, каде што короната има некој друг тек и претставници од Руската Федерација, кои не се во можност да патуваат“, рече Славчо Неделковски од организацијата на Колонијата.

    Свеченото отворање е в понеделник на платото пред Монмартр во старата чаршија. Ќе бидат доделени наградите и дипломите, а ќе се отвори и 40. Светска изложба со 777 цртежи, избрани од стручно меѓународно жири од пристигнатите 22.500 творби од цел свет.

    „Годинава ќе го имаме и најмладиот учесник во историјата на колонијата, тримесечно бебе од Тирана. Бебето е на еден од ликовните падагози и изразија желба и него да го донесат“, рече Елена Хаџи Антоновска.

    Меѓународното жири му ја додели Гран при наградата на ателјето „Вејсел Аџар“ од Трабзон, Турција. Три специјални награди се за училиштата „Данила Локарја“ од Ајдовшчина, Словенија, „Св. Имре“ од Кечкемет, Унгарија и за „Венјамин Костаче“ од Манастиреа Неамт, Романија. Вторпат се доделува почесната награда „Коста Хаџи Антоновски“, а ја добива Ирина Кручинина од Русија, која 30 години е учесник на Монмартр. Поради војната во Украина, таа сепак нема да може да дојде да ја прими.

    Од детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое го организира „Монмартр“, рекоа дека годинава се поддржани од министерствата за образование и култура, Општина Битола, Советот и од приватници, но дека в година веќе нема да молат за пари по институции, туку ќе бараат средства од меѓународни фондови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира