НИКОЈ НЕ БАРА ПРАСКИ ОД РОСОМАН ИАКО ВЛАДАТА ДОГОВОРИ ИЗВОЗ ВО УКРАИНА, РОДОТ ОСТАНА ВО МАГАЦИНИТЕ

    НИКОЈ НЕ БАРА ПРАСКИ ОД РОСОМАН ИАКО ВЛАДАТА ДОГОВОРИ ИЗВОЗ ВО УКРАИНА, РОДОТ ОСТАНА ВО МАГАЦИНИТЕНиту некој купувач се јавил да праша што имаме да продадеме, ниту некој се заинтересирал за родот, велат овоштарите во Росоман. (Фото: СДК.МК)

    Праските од Росоман останаа по магацините, бидејќи само има извоз на мали количества во прибалтичките републики и Хрватска. Иако Македонија потпиша договор за безцарински извоз во Украина како замена за изгубениот пазар во Русија, засега нема конкретни зделки.

    „По потпишувањето на договорот за слободна трговија во делот на земјоделството, потпишан во Прага помеѓу нашиот и украинскиот премиер, договорот македонското Собрание го ратификуваше, а исто и украинската страна. Тоа значи бесцарински извоз на приоритетното македонско овошје и зеленчук на тамошниот пазар. Како олеснување за пласман на родот на овоштарите, летово ќе се откупат 880 тони праски, кајсии, цреши, јаболка, сливи и круши, како оброк за децата во градинките, проект кој дава успешни резултати“, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски на 19 јуни при посетатата на регионот.

    Овоштарите од Росоман се најголемите производители на праски во земјава и разбирлив е нивниот страв што ќе биде со родот.

    „Слушаме дека Владата договорила извоз за Украина, ама засега ништо. Ниту некој купувач се јавил да праша што имаме да продадеме, ниту некој се заинтересирал за родот. Пласманот на праската е веќе проблем. Годинава имавме среќа што не ги фати мразот праските при цутењето. Имаме проблем и со хаваријата со хидросистемот ‘Макарија’, но времето беше наша страна со врнежите од дожд, има вода повеќе отколку што треба. Проблеми ќе имаме со монилија, габична болест кај коскестите овошки, која предизвикува скапување“, вели производител на праски од Росоман.

    Чекајќи да се реши проблемот со водоснабдителниот систем „Макарија“ , чии градежни работи треба да завршат до крајот на јули, земјоделците се снаоѓаат на сопствен начин. Дел од нив дупчат бунари за да имаат вода за полевање. Но освен со праските, земјоделците од овој крај имаат проблем и со доматите и пиперките. Расадот во Сирково, голем производител на градинарски култури, годинава не се зафати.

    „Системот пукна и годинава ништо од градинарство нема во Сирково. Останаа само 5 отсто површини со домати и култури од засадените. Сè останатото се фрли, иако беше земјата изорана, наѓубрена, расадот третиран, трошоците се направени, а од цела работа, труд и мака ништо нема да добиеме. Кратко кажано, катастрофа“, вели градинар од Сирково, кој другите години целиот род од пиперки поради добриот квалитет го пласирал во Словенија.

    Министерот Николовски минатата недела во  Росоман на локалните власти им кажа да формираат комисии, да се направи проценка на евентуални штети, а Владата како и досега ќе ги обесштети земјоделците.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира