Никој не дојде на одбележување на 73-годинишнината од формирањето на Првата македонско народноослободителна дивизија, во кавадаречото село Шешково. Од Здружението на борци од Кавадарци не можеле да дојдат бидејќи немале превоз за да стигнат до селото. Од таму ни изјавија дека пределот е тешко пристапен односно споменикот се наоѓа на околу илјада метри надморска височина, над Тиквешкото Езеро. Селото е оддалечено петнаесетина километри од градот, од кои девет километри се неасфалтирани.
Од Општина Кавадарци пак велат дека до нив не пристигнало никакво барање за обезбедување на превоз до споменикот во селото Шешково.
„Носител на активностите на сите одбележувања поврзани со настани од Втората Светска Војна и НОБ е Општинската организација на сојузот на борците и почитувачите на придобивките од НОБ Кавадарци. Од страна на здружението во Општината не е пристигната никакво покана или барање за обезбедување на превоз кое се однесува на денешното одбележување на 73-годишнината од формирањето на Дивизијата во селото Шешково“ велат од Општина Кавадарци.
Пред споменикот, од почит на борците кои учествувале во борбите за ослободување на Прилеп и околните места положија цвеќе неколкумина граѓани.
Првата дивизијата броела 1.225 борци и старешини од кои најголемиот дел биле од тиквешијата. Нејзиното формирање бил еден од најзначајните настани во развојот на народноослободителната војна во Македонија.