Температурата на воздухот, која вчера наутро, на 2 мај, во Тиквешијата се спушти на нула степени, според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ги оштети лозјата и штотуку врзаниот плод. Невообичаено ниската температура за месец мај предизвика значителни штети. Лозарите засега немаат конкретни проценки, но јасно е дека кај дел од нив нема да има род на грозје.
„Имам три хектари лозје траминец, 90 отсто е измрзнато од ниската температура. Толку многу вложивме, а годинава ништо нема да добијам за возврат. Измрзнат е ластарот и оформираните плодови, што значи нема да има род“, вели Зоран Пешков, лозар од Кавадарци.
Слична е состојбата и во Росоман, пред сè кај лозјата кои се во фаза на развој.
„Индивидуално има штета, зависи кај кого како. Штета има кај родот на лозјето во пониските делови од Тиквешијата, покрај реките и водните површини. Тука има и оштетени овошки: праски, кајсии, цреши, иако кај нив штетите не се толку големи. Тие што се на повисоко се спасени“, вели овоштарот од Росоман, Владо Орданов.
Невообичаената температура за првите денови од мај, кога се спушти на нула, а во велешко и под нулата, предизвика дополнителни оштетувања. Во велешко лозарите се жалат дека годинава сè е измрзнато и оштетено. Големите компании кои имаат лозја покрај Вардар и езерото Младост засега се без коментар.
„Вакви временски услови во мај се ретка појава, особено кога имаат директно влијание врз лозарството и овоштарството, кои се од егзистенцијално значење за регионот на Тиквешијата“, вели лозар од Неготино.
Овоштарите велат дека ниту една осигурителна компанија не прифаќа осигурување на родот од мраз. Стручњаците објаснуваат дека во вакви случаи единствено решение за овошките и родот е чадење. Густиот чад создава завеса која го ублажува ладењето на пониските слоеви на воздухот.
Ова е четврта година по ред во Тиквешијата како родот на грозјето и овошките значително се намалува. Во 2023, поради хаваријата на системот за водоснабдување „Макарија“, следната, 2024 година, овошките немаа род поради последиците од сушата од претходната година. Лани, на крајот од март имаше мразови, што предизвика штети кај овошките. Така, црешите лани достигнаа цена и до 1.300 денари по маркетите, додека кајсиите и праските, чии род беше оштетен до 80 отсто, се продаваа по 400 денари за килограм.
Во вакви случаи на временска непогода, локалната власт формира комисии за проценка на штетите, кои излегуваат на терен и постапуваат по пријавите. Потоа проценката ја прифаќа Советот на општината, по што се препраќа до Владата, која ги обештетува земјоделците во висина од 5 отсто од проценетата штета. Така, деновиве, пред празникот, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, објави дека пристигнале средствата од Владата за обештетување на овоштарите и лозарите од ланскиот мраз. Пријавените 80 лица овие денови ќе добијат вкупно 3,8 милиони денари. Проценетата штета од ланскиот мраз изнесуваше 76 милиони денари, односно повеќе од 1,2 милиони евра.
- ПРОЛЕТНИОТ МРАЗ И НИСКИТЕ УТРИНСКИ ТЕМПЕРАТУРИ ГИ ОТШТЕТИЈА ОВОШКИТЕ ВО ВЕЛЕШКО И РОСОМАН, РОДОТ ЌЕ СЕ НАМАЛИ ДО 80 ОТСТО
- НА ВЕЛЕШКИОТ ПАЗАР КИЛО ДОМАШНИ ЦРЕШИ Е 250 ДЕНАРИ, ВО МАРКЕТИТЕ ДО 1.300 ДЕНАРИ КИЛО ЗА СТРАНСКИТЕ, ОТИ ГОДИНАВА РОДОТ ИЗМРЗНА ОД СНЕГОТ И МРАЗОТ
- И ГОДИНАВА НЕМА ДА ИМА РОД НА ПРАСКИ И КАЈСИИ ВО РОСОМАН И ГРАДСКО ПОРАДИ ЛАНСКАТА СУША ПО ХАВАРИЈАТА НА СИСТЕМОТ МАКАРИЈА
- РОСОМАНЦИ ЌЕ ГИ СЕЧАТ ДРВЈАТА ПРАСКА ОТИ РОДОТ СО ГОДИНИ ЌЕ СТРАДА ОД СУШАТА ПО ДЕФЕКТОТ НА „МАКАРИЈА“
- РОСОМАН И ГРАДСКО ЧЕТИРИ ДЕНА БЕЗ ВОДА ЗА ПОЛЕВАЊЕ ПОРАДИ ОШТЕТЕН КРАК ОД СИСТЕМОТ ЗА НАВОДНУВАЊЕ МАКАРИЈА
П. ПЕЧКОВ



