РОСОМАНЦИ ЌЕ ГИ СЕЧАТ ДРВЈАТА ПРАСКА ОТИ РОДОТ СО ГОДИНИ ЌЕ СТРАДА ОД СУШАТА ПО ДЕФЕКТОТ НА „МАКАРИЈА“

    РОСОМАНЦИ ЌЕ ГИ СЕЧАТ ДРВЈАТА ПРАСКА ОТИ РОДОТ СО ГОДИНИ ЌЕ СТРАДА ОД СУШАТА ПО ДЕФЕКТОТ НА „МАКАРИЈА“Tоа што земјата остана сува два месеца, од 27 мај до 30 јули, остави силни траги врз родот; - Разлика во големинатана праски растени во суша и со наводнување. (Фото: СДК.МК)

    Изминатиот викенд низ цевководот на системот за наводнување„Макарија“ потече вода и земјоделците од Росоман и Градско добија вода за полевање. Според Владата, системот бил саниран во најбрз можен рок по најголемата хаварија од водостопанската инфраструктура досега во Македонија. Тие честитаа на сите што беа дел од решавањето на овој тежок и комплексен проблем. Но тоа што земјата остана сува два месеца, од 27 мај до 30 јули, остави силни траги врз родот, особено на праската по која овој крај е прочуен.

    „Од толку лош што беше квалитетот на праската, моравме да го фрламе или некои го даваа за производство на густи сокови. Од што нема вода, таа омекна и не е за јадење. Од есен ќе ги сечеме дрвјата. Штом немаа вода, ќе немаат род догодина, папките ќе се исушат. Тоа го знаат стручњаците“, вели жител на Росоман.

    Некои од нив планираат да ги копачат овоштарниците, оти ќе било поисплатливо. Наместо да се купуваат дрва за огрев, да го користат дрвото од праската.

    „Не само праската, туку и кајсијата немаше род. Полегна родот по земја. Кој може толку време да издржи, два месеца без капка вода. Иако некои копаа бунари, нешто спасија, целиот овој регион не само годинава и следните ќе ги чувствува последиците од хаваријата на системот“,  вели друг жител на Росоман.

    Жителите на Сирково реагираат што само 5 отсто до расадот на домати и пипер годинава се фатил, поради сушата дури 95 отсто морале да го фрлат.

    Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека за земјоделците од Росоман и Градско предвидуваат обесштетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување „Макарија“.

    „Земјоделците треба да се пријават во општинските комисии за проценка на штетите од сушата и неостварените приноси, а потоа врз основа на тие податоци Владата ќе донесе одлука за обесштетување на земјоделците“, соопшти Николовски.

    Тој соопшти дека за потребите на децата од градинките биле откупени 175.500 кила праски, со што биле помогнати овоштарите од Росоман.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира