НОН ПЕЈПEРОТ Е РАБОТЕН ДОКУМЕНТ КОЈ НЕМА ОФИЦИЈАЛНА ВАЖНОСТ, РЕЧЕ ФРАНЦУСКАТА МИНИСТЕРКА ДАРИЕСЕК

    НОН ПЕЈПEРОТ Е РАБОТЕН ДОКУМЕНТ КОЈ НЕМА ОФИЦИЈАЛНА ВАЖНОСТ, РЕЧЕ ФРАНЦУСКАТА МИНИСТЕРКА ДАРИЕСЕКДржавната секретарка на француското Министерство за вооружени сили Женевиев Дариесек и министерката за одбрана Радмила Шекеринска го отворија Меморијалниот музеј на Француските гробишта во Битола

    Нон пејперот е работен документ кој нема никаква официјална важност, но е нешто што допрва ќе треба да се разгледува, рече државната секретарка на француското Министерство за вооружени сили Женевиев Дариесек, за нон пејпрот за кој медиумите објавија дека го составуваат влијателните европски земји и со кој ќе се спротивстават на давање датум за преговори на Македонија зашто немало реформи.

    „Да се зборува за еден работен документ кој нема никаква официјална важност, а за кој знам дека во последно време доста се пишуваше во медиумите, е нешто за што допрва ќе треба да се разгледува зашто треба кон крајот на јуни да размислиме за постигнувањето на вашата конечна цел. Знам дека беше направена огромна работа, ви претстои и уште, но свесни сме за напредокот кој го постигна земјата”, рече Дариесек.

    Таа денеска заедно со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваа на отворањето на Меморијалниот музеј на Француските гробишта во Битола.

    Шекеринска изјави дека Владата е фокусирана на решение на спорот за името и нема да дозволи невнимание да ја уништи шансата.

    „Се наоѓаме во многу чувствителна фаза, двајцата министри договирија рамка која мислиме дека ќе биде добро решение и за Македонија и за Грција и ќе биде добра вест за целиот регион. Остануваат последните чекори кои се подеднакво важни и често пати дури и потешки. Очекуваме двајцата премиери да разговараат околу сите детали и за кратко време, доколку има напредок понатамошен, да имаат и заедничка средба”, рече Шекеринска.

    Запрашана како ќе ги премостат пречките од типот на неприфаќањето на претседателот Ѓорге Иванов на опсегот ерга омнес, противењето на опозицијата и слично, таа рече дека секој во државата треба да понесе своја одговорност.

    „Ова прашање не е лесно, но во државата не треба да чекаме некој да дојде да ни ги решава проблемите, туку треба да носите одлуки, секој да понесува одговорност и за одлука и за немањето одлука. Треба да им помогнеме и дадеме шанса на нашите млади и нашата земја, не само да се зборува за историја туку и да се гради иднина. Ако го имаме тој дух во нас ќе се најде решение”, рече Шекеринска.

    Меморијалниот музеј во Битола е отворен по повод 100 години од крајот на Првата светска војна. Отворен е во спомен на француските војници од Македонскиот фронт и на страдањето на цивилното македонско население.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира