НОВ КОНЦЕСИОНЕР ЌЕ ЈА ИЗНЕСУВА ЗГУРАТА ОД ВЕЛЕС ОД ТОПИЛНИЦАТА

    НОВ КОНЦЕСИОНЕР ЌЕ ЈА ИЗНЕСУВА ЗГУРАТА ОД ВЕЛЕС ОД ТОПИЛНИЦАТАДепонијата со згура според проценките на стручњаците е тешка 1,7 милиони тони и е една од 10-те црни еко-точки во Македонија (Фото:СДК.МК)

    Концесијата за отстранување на згурата од велешката топилница од компанијата Еко Центар 97 преминува на компанијата КЕПС МОНТ ГРОУП ДОО Скопје, одлучи Владата на минатонеделната седница.

    „Добро е кога е најденa компанија која може да ги исполни критериумите и да ја однесе троската од Велес, бидејќи таа и натаму е опасност за здравјето на граѓаните. Од досегашниот концесионер немаме информации што  презел како активност“ , рече Игор Смилев од ЕГ „ Зелена сила“ од Велес.

    Депонијата со згура според проценките на стручњаците е тешка 1,7 милиони тони и е една од 10-те црни еко-точки во Македонија. Таа е резултат на тридецениската работа на Топилницата и при секој ветер носи во градот опасни и штетни честички кои се наталожени таму.

    Преносот на концесијата за експлоатација на техногената минерална суровина, троската е таа да се изнесе од Македонија, велат од компанијата која досега беше концесионер.

    „Со договорат за концесија потенцирано е и се бара троската да се изнесе надвор од границите на Република Македонија. Затоа баравме компанија која има добри меѓународни врски, комуникација и соработка, со која што би можеле да го реализираме тоа. Команијата Кепс Монт Груп има решение за изнесување на троската, кое што беше и главна причина поради која што склучивме договор за пренос на концесија и во иднина заеднички да ја продолжиме работата“, велат од Еко Центар 97 ДОО Скопје.

    Команијата Кепс Монт Груп е компанија со мешан капитал, домашен и странски. Во УЈП како дејност на оваа фирма се води дека се бави со инженерство и техничко советување.

    Надоместокот за доделената концесија, која ја плати ,,Екоцентар 97,, изнесуваше 1,3 милиони денари, а рокот на користење на депонијата со згура беше десет години. Оваа компанија се занимава со собирање и примарна преработка на отпад кој содржи обоени и необоени метали. Оваа фирма пред две години беше единствена која учествуваше на јавниот повик на Министерството за економија, иако тендерска документација подигнале 11 фирми. При добивањето на концесијата најавија дека ќе извршат нови анализи на ридот со троска, за да знаат што и ќе експлоатираат.

    „Извршените обемни анализи за троската покажаа ниска, или мала економска оправданост за нејзина обработка, за која што исклучиво се заинтересирани земјите од далечниот исток, како Кина, Јапонија, Индија“, велат од Еко Центар 97.

    Очекуваат за 20-тина дена да ја имаат комплетно завршна документацијата за извоз на троската како и нејзината крајна дестинација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира