НОВА ФИРМА ЌЕ ГО ДОВРШИ ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ОХРИД КОЈ СЕ ГРАДИ 9 ГОДИНИ, МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ НАЈАВИ РЕВИЗИЈА НА ПРОЕКТОТ

    НОВА ФИРМА ЌЕ ГО ДОВРШИ ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ОХРИД КОЈ СЕ ГРАДИ 9 ГОДИНИ, МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ НАЈАВИ РЕВИЗИЈА НА ПРОЕКТОТИзградбата на затворениот базен во Охрид започна во 2015, а требаше да биде готов и отворен најдоцна до април 2018. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во Охрид најави раскинување на договорот со фирмата која цели 9 години го гради затворениот базен во градот. Кажа дека ќе се бара нова фирма која ќе ги доврши започнатите работи на објектот.

    „Ситуациите кои беа тогаш и ситуациите кои што се денеска не се исти, мора да се направи нов проект, нова процена колку ќе чини завршувањето на базенот во Охрид. Она што јас може да го кажам е дека Министерството и јас лично ќе се залагаме за што побрзо да почне довршување на базенот, затоа што Охрид заслужува базен, да не се оставаат спортските објекти на пола повеќе од четири и пол години ништо да не се чепне. Така што, во најбрз можен рок ќе направиме нова процена, нов проект и верувам дека кон крајот на летото ќе избереме нов економски опеаратор кој ќе ја продолжи изградбата на базенот”, изјави Ристовски.

    Тој најави ревизија на проектот и одвивањето на градежните работи, а ако се утврдат неправилности ќе се бара и кривична одговорност.

    „Ќе почнеме ревизија во најбрз можен рок, парцијална само за базенот за да не ја закочиме целата процедура за побрзо отпочнување на градбата. Така што, ревизијата ќе ни покаже дали има можност за кривична пријава. Доколку ревизијата утврди има можност за кривична пријава, бидете сигури дека ќе има“, додаде Ристовски.

    Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, рече дека изградбата ќе продолжи за Охрид конечно да добие затворен базен.

    „Ние како град сме подготвени во една заедничка соработка да ја продолжиме изградбата на овој објект и Охрид конечно да добие затворен базен, нешто што граѓаните од самото осамостојување па до денес го посакуваат“, изјави Пецаков.

    Изградбата на затворениот базен во Охрид започна во 2015, а требаше да биде готов и отворен најдоцна до април 2018.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира