НОВА НАСЕЛБА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО СКОПЈЕ НА ПРОСТОРОТ ОД КАСАРНА „ИЛИНДЕН“ ДО БУЛЕВАР СЛОВЕНИЈА, ОПШТИНА КАРПОШ ГО ДОНЕСЕ ДЕТАЛНИОТ ПЛАН

    НОВА НАСЕЛБА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО СКОПЈЕ НА ПРОСТОРОТ ОД КАСАРНА „ИЛИНДЕН“ ДО БУЛЕВАР СЛОВЕНИЈА, ОПШТИНА КАРПОШ ГО ДОНЕСЕ ДЕТАЛНИОТ ПЛАНПланот предвидува изградба на станбени згради, трговски центри, деловни објекти, хотели, како и објекти за јавни установи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нова населба ќе стане просторот од касарната „Илинден“ кон булеварот Словенечка во Скопје. Општина Карпош го донесе новиот Детален урбанистички план (ДУП) Касарна „Илинден“, кој  предвидува изградба на станбени згради, трговски центри, деловни објекти, хотели, како и објекти за јавни установи.

    Целиот Детален план опфаќа површина од 34,831 хектари, и е дефиниран на север кај булеварот Словенија, на исток се движи по новопланираните сервисни улици 1804 и 1811, а на југ и запад се протега низ булеварот Никола Карев. Овој простор сега е празен, а со новиот план се предвидува негово комплетно уредување,

    „Со овој план ги реализираме нашите заложби градењето од урбаниот дел да се пренасочи кон периферијата. Опфатот е конципиран во една целина со вкупно 34 парцели со намена за домување и трговски единици, хотелски комплекс, се предвидува изградба на основно и средно училиште, како и градинка, објект на МВР и станица за технички преглед на возила. Исто така, планот предвидува простор за парковско зеленило (Д1) и заштитно зеленило (Д2)“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Општина Карпош.

    Највисоката катност на зградите е приземје плус 7 ката. – Извод од деталниот план Касарна „Илинден“

    Kатноста која се предвидува за зградите е приземје плус седум ката, додека за деловните објекти приземје плус пет ката.

    Според параметрите на планот, за намената домување предвидени се 24.775 метри квадратни или  7,11 отсто од целиот ДУП. За намена комерцијални и деловни објекти предвидени се 74.236 метри квадратни или 21,31 отсто. 50.211 метри квадратни метри или 14,42 проценти од целата површина ќе има намена за јавни институции.

    „Драстично е поголема квадратурата за површини за зеленило и рекреација, односно за намена Д – зеленило и рекреација се предвидени се 71.549 метри квадратни или 20.54 отсто од целиот ДУП.  Останата површина од 127.544 метри кавдартни или  36,62 отсто се наменети за потребната инфраструктура“, велат од Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира