Новата улица Есенинова, за поврзување на скопските општини Аеродром, Кисела Вода и Центар, ќе биде готова за дваесетина дена. Од Град Скопје велат дека е завршена експропријацијата на двете куќи кои се наоѓаа на трасата, веќе се урнати и во наредните три недели треба да финишираат земјените работи.
„Изместена и поставена е целата подземна инсталација, завршени се и бунарите кои се наоѓаат кај Тутунски комбинат. Кон средината на наредниот месец, оваа улица која е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, ќе биде пуштена за сообраќај, со што ќе се реши тесното грло кај Тутунски комбинат’, велат од Град Скопје.
Град Скопје почна со пробивање и изградба на улицата Есенинова лани во агуст. Со изградбата на Есенинова ќе се скрати кружењето околу Тутунски комбинат, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Побрзо ќе го минуваат овој дел од градот граѓаните кои патуваат по правецот од хотел „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода.
„Од Чешма до Континентал ако досега се патувало 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, сега преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километри, изразено во време тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути“, додаваат од Град Скопје.
Новата улица ќе биде во должина од 730 метри, ќе почнува од Кисела Вода кај Рампа покрај пругата кон амбулантата „Пролет“ и ќе излегува на булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром. Ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.
А. АНТЕВСКА