НОВИОТ АСФАЛТ НА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО БИТОЛА ИЗВАЛКАН СО ИСЦЕДОК ОД КАМИОНИТЕ ЗА ЃУБРЕ

    НОВИОТ АСФАЛТ НА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО БИТОЛА ИЗВАЛКАН СО ИСЦЕДОК ОД КАМИОНИТЕ ЗА ЃУБРЕНа улицата Козара, како и во други улици низ градот, по собирањето смет, од камионот останува исцедок со нечистотија и реа. (Фото: СДК.МК)

    Само што се постави асфалтот на улица Козара во Битола, деновиве беше извалкан со нечист и смрдлив исцедок од камионот кој собира ѓубре. Вчера (19 август) граѓаните низ улицата минуваа со затнати носеви, избегнувајќи ги вировите со валкана течност на асфалтот. Ова е случај и во други улици низ градот, каде по собирањето смет, од камионот останува исцедок со нечистотија и реа.

    Деновиве и битолските советници Димитар Кузмановски од ЛДП и Иван Чулакоски од Поинаку објавија снимки за тоа како камионите што треба да придонесат за почист град, истекуваат и ги загадуваат улиците. На едната од снимките беше снимен и ѓубреџија како чисти по камионот.

    Вакви непријатни ситуации има низ градот и осум месеци откако во јануари 2026 во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, во Битола беше испорачана и промовирана опрема за управување со цврст отпад, составена од 16 нови возила и голем број контејнери и канти, наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Мицкоски рече дека опремата е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад.

    Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека дел од новите возила се веќе во употреба, но не се сите пристигнати. Како што стигнуваат така се заменуваат старите. Од Општина Битола појаснија дека од 16 возила, 6 се наменети за Битола, од кои досега 2 се ставени во функција. А за останатите 4 се чека одлука на Влада за примопредавање.

    „Поради летната сезона и фрлањето на отпад кој има поголема течност, некогаш доаѓа до истекување од возилата, но на истите локации се испраќа цистерна за миење на улицата“, велат од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира