Агенцијата за млади и спорт (АМС) даде нов рок за завршување на изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид, откако неколкупати се пролонгираше. Според директорот на АМС, Наумче Мојсоски, охриѓани ќе добијат затворен базен во септември оваа година, а изградбата ќе продолжи со нов подизведувач.
„Имавме проблеми бидејќи изведувачот беше во притвор. Правно не постоеше основ да се раскине договорот. Најдовме нов подизведувач, кој ќе ги заврши сите останати обврски до септември оваа година“, вели Мојсоски.
Според него, 70 проценти од објектот, кој ќе биде на површина од 15.000 квадратни метри, се завршени.
„Трибините се направени, се поставуваат столчињата, треба да се донесе коритото. Фазите за електриката се направени. Се оградуваат соблекувалните и другите простории на најголемиот ваков објект во Македонија“, вели Мојсоски.
Спортскиот објект ќе содржи два базена и ќе биде енергетски ефикасен со користиње на биотермални пумпи. Ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и ВИП-ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар.
Базенот започна да се гради во 2015 година. Вредноста на инвестицијата според тендерската документација е 5 милиони евра, инвеститор е Агенцијата за млади и спорт, а за изведувач беше избрана фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Според првичниот договор, покриениот базен требаше да биде завршен најдоцна до април 2018.
Во Струга пред еден месец заврши реконструкцијата на затворениот базен. Објектот кој скоро 20 години беше руина со купишта смет и надвор од употреба доби модерен изглед и започна со работа.
С. ВРЕНЦОВСКА