НОВИОТ ШТИПСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК САШКО НИКОЛОВ ИМ ДАДЕ РОК ОД ДВА МЕСЕЦА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ДА ГО ПОДОБРАТ РАБОТЕЊЕТО

    НОВИОТ ШТИПСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК САШКО НИКОЛОВ ИМ ДАДЕ РОК ОД ДВА МЕСЕЦА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ДА ГО ПОДОБРАТ РАБОТЕЊЕТОСашко Николов ја презеде градоначалничката функција и во обраќањето најави дека ќе бара максимална и квалитетна работа од општинската администрација и од јавните претпријатија. (Фото: СДК.МК)

    Новиот штипски градоначалник Сашко Николов кажа дека нема да толерира неработници и им даде рок од два месеца на раководителите во општинската администрација и јавните претпријатија да го подобрат работењето, на денешното примопредавање на функцијата од в.д. градоначалникот Јане Миланов, кој оваа функција ја вршеше по заминувањето на поранешниот градоначалник Благој Бочварски за министер за транспорт и врски.

    „Без разлика на партиската припадност нема да има никаква толеранција за неработниците. Затоа барам полна ангажираност на сите вработени. На јавните претпријатија и на општинската администрација им давам рок од два месеца да го подобрат работењето. И со истиот раководен кадар може да се организира подобро работење. Пред да станам пратеник бев советник три години и ги знам состојбите и приликите. Ако некој не може да ги следи моите протоколи ќе бараме други солуции. Граѓаните мора да бидат задоволни од услугите што ги пружа јавната администрација во Општината, како и ЈП“, кажа Николов.

    Главен приоритет на 40-годишниот доктор по интервентна кардиологија Сашко Николов и како градоначалник ќе биде борбата против пандемијата и севкупното здравје на граѓаните.

    „Ќе наоѓам секогаш време и за пациентите во регионалното кардиолошко одделение што го формирав пред неколку години. Исто така, приоритет ќе имаат и капиталните инвестиции од кои најглавна е браната на реката Отиња чија изградба треба да започне во време на мојот деветмесечен мандат, а ќе се прават напори тоа да се случи уште во првите месеци на наредната година“ вели Николов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира