ОБЕСШТЕТУВАЊЕТО ЗА ЗГРАДАТА КАЈ МАЈЧИН ДОМ БИ БИЛО ОКОЛУ 6 МИЛИОНИ ЕВРА, КОЛКУ ШТО Е ПЛАТЕНО ЗА ЗЕМЈИШТЕТО И КОМУНАЛИИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАРИН

    ОБЕСШТЕТУВАЊЕТО ЗА ЗГРАДАТА КАЈ МАЈЧИН ДОМ БИ БИЛО ОКОЛУ 6 МИЛИОНИ ЕВРА, КОЛКУ ШТО Е ПЛАТЕНО ЗА ЗЕМЈИШТЕТО И КОМУНАЛИИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАРИН„Од 5 до 6 милиони евра според тоа што го кажа инвеститорот, е купеното земјиште и комуналиите кои се платени на Општина Аеродром и Град Скопје. За обесштетување од аспек на профит не се разговарало до сега“, рече Марин. (Фото: Општина Аеродром)

    Инвеститорот на зградата кај Мајчин дом би бил обесштетен само за она што го платил за купување на земјиштето и платените комуналии, но не и за профитот, вели градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

    Преговорите со инвеститорот „ЗСФ – ком“ и Општина Аеродром уште траат и досега не е најдено решение, но градоначалникот Марин вели дека се надева на позитивен исход и зграда во зеленилото нема да има.

    „Позитивен исход е таму да нема зграда. Инвеститорот има вредност на земјиштето што го купил и трошоците што ги имал за време на проектирањето. Што е нормално дека ние како држава и Општина ќе треба да го обесштетиме. Од 5 до 6 милиони евра според тоа што го кажа инвеститорот, е купеното земјиште и комуналиите кои се платени на Општина Аеродром и Град Скопје. За обесштетување од аспект на профит не се разговарало досега“, рече Марин.

    Општина Аеродром на 10 октомври ја стопираше изградбата на зградата во зеленилото кај Мајчин дом, со образложение дека се констатирани неправилности на градилиштето. Забраната трае 15 дена, а градоначалникот Марин рече дека за тој период ќе преговараат со инвеститорот за да најдат решение зградата да не се гради.

    Советот на Општина Аеродром под водство на ВМРО-ДПМНЕ и во мандатот на градоначалникот Ивица Коневски, на 5 април 2017 ненадејно го усвои Деталниот урбанистички план И10, за кој советниците од тогашната опозиција предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи.

    Градоначалникот Златко Марин минатиот месец издаде градежна дозвола, по што инвеститорот „ЗСФ – ком“, почна со градежни работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира