ОБЕЗБЕДИВМЕ 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ОБЕЗБЕДИВМЕ 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев кажа дека првичните средства се наменети за чистење на површините на езерото каде што водата е повлечена (Фото: СДК.МК)

    Обезбедивме првични 80 милиони денари (1,3 милиони евра) за ревитализација на Преспанското Езеро, изјави премиерот Зоран Заев при обиколката на езерото, со цел да се прецизира спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на езерото.

    Тој рече дека препораките од студијата и акцискиот план ќе се организираат во три фази. Првата фаза, која опфаќа анализи, студии, препораки и средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена. За следните две фази клучна ќе биде иницијативата и кај соседите, па во таа насока, ќе побараат трите земји да му дадат нова динамика на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро, поддржан од Европската Унија.

    „Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за Општина Ресен во висина од 80 милиони денари, кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што водата е повлечена, посебно кај некои плажи. Чистењето од тињата и од остатоците од дрвја и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена, кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе ги овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим, посебно во летниот период“, рече Заев.

    Во втората фаза предвидени се мерки за унапредување на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското Езеро.

    Езерото веќе подолго време е со екстремно намален водостој, како последица на климатските промени, црпењето на водата и истекувањето во Охридското Езеро, а дополнителен проблем е загадувањето. Состојбата е алармантна, а загрозен е и живиот свет во водите.

    Заев при посетата на Преспа изјави дека се обезбедени и 30 милиони денари за Центарот за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Валхов“ во Љубојно. Таму беше отворено второто училиште на македонски јазик во земјава, на 15 ноември 1944 година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира