ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ГО ЗГОЛЕМИЈА ВОДОСТОЈОТ НА РЕКИТЕ ВО ОХРИДСКО, ЖИТЕЛИТЕ СТРАВУВААТ ОД ПОПЛАВИ

    ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ГО ЗГОЛЕМИЈА ВОДОСТОЈОТ НА РЕКИТЕ ВО ОХРИДСКО, ЖИТЕЛИТЕ СТРАВУВААТ ОД ПОПЛАВИЛокалните жители велат дека Велгошка Река се прелева зашто коритото со години не е исчистено (Фото: СДК.МК)

    Реката Сушица надојдена од обилните врнежи од дожд кои го зафатија подрачјето на Охрид поплави дворови и земјоделски површини на жителите од населбата Железничка. Граѓаните стравуваат дека водата ќе им навлезе во домовите оти години наназад при секое поинтензивно врнење долните спратови се под вода.

    „Куќата не ми е поплавена, ама нивата, овошната градина и пластеникот, каде што чувам и кокошки, се под вода. Години наназад е овој проблем, сум се обратил секаде, никој ништо не презема, а треба да се исчисти под мостот“, вели Данчо Мишески, жител на Железничка.

    И мештаните од селото Велгошти стравуваат од можни поплави откако водостојот на реката Велгошка е зголемен, а коритото со години е неисчистено.

    „Уште кога беше суво, кога немаше дождови, побаравме да се исчисти коритото за да не дојде до ова. Стравуваме дека ќе се поплавиме“, вели Петар Тодороски од Велгошти.

    Велгоштани стравуваат дека со најавите за врнежливо време реката ќе носи поголеми количини вода.

    „Нашата куќа е веднаш до реката и водата ни доаѓа до вратата. Кога врне, секогаш е вака. Коритото не е исчистено, се јавив и во општина. Со месеци чекаме и стравуваме, зашто неколку пати се имаме поплавено“, вели Надица Тодороска.

    Според информациите на УХМР, во изминатите 24 часа во Охрид наврнале 26 литри воден талог на квадратен метар, а врнежите ќе продолжат и во наредните денови.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира