Објавени се трите први значајни јавни повици со кои започнува процесот на создавање на официјалната програма на „Скопје 2028“, соопшти Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Станува збор за повици за доставување проектни предлози, за ангажирање домашни и меѓународни експерти за советодавна и програмска поддршка, како и за избор на независни домашни и меѓународни евалуатори кои ќе учествуваат во оценувањето на проектните предлози, а преку кои истовремено се воспоставува и професионален и независен механизам за подготовка и оценување на програмата.
Првиот повик е наменет за уметници, културни организации, јавни институции, универзитети, граѓански организации, креативни професионалци, културни оператори, претставници на креативните индустрии, локални заедници од Македонија, земјите членки на ЕУ и други земји подобни за учество во програмата, кои имаат проектна идеја што може да стане дел од официјалната програма на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Вториот јавен повик е за домашни и меѓународни независни експерти кои ќе бидат вклучени во Регистарот на експерти за советодавна и програмска поддршка на програмата „Скопје 2028“. Третиот јавен повик е за независни домашни и меѓународни експерти – евалуатори, кои ќе бидат дел од Регистарот на независни експерти – евалуатори на Скопје 2028.
Проектите се поделени во три категории според нивниот обем и финансиска вредност. За мали проекти предвидена е поддршка од 3.000 до 9.999 евра, за средни проекти од 10.000 до 24.999 евра, додека за големи проекти финансиската поддршка изнесува од 25.000 до 150.000 евра.
Деталните услови за учество, критериумите, роковите и начинот на аплицирање за сите три повици се објавени на официјалната веб-страница на Фондацијата.
„Со отворањето на овие три јавни повици започнува една од најважните фази во подготовката на ‘Скопје 2028’. Сакам да ги повикам сите уметници, културни работници, организации и институции да ги достават своите идеи и проекти, а домашните и меѓународните експерти да го понудат своето знаење и искуство. Нашата цел е да создадеме квалитетна и современа програма во која ќе има простор за различни идеи, уметнички изрази и партнерства, но и јасни професионални критериуми во процесот на селекција. Затоа, паралелно со повикот за проекти, отвораме и повици за експерти и независни евалуатори. Верувам дека токму преку отворен процес и вклучување на што поголем број луѓе можеме да создадеме програма достојна за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година и за европското значење на оваа титула“, изјави Марјан Цветковски, директор на Фондацијата.
На 28 јули до Собранието по скратена постапка беше доставен Предлог-закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ со кој се предлага и основање на Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со него се предвидува Законот за јавни набавки да не важи за трошењето на парите за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. За овој проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски.
Веднаш потоа реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и од Антикорупциската комисија и побараа Предлог-законот да се повлече оти со него се отвара пат за крадење државни пари. На 31 јули премиерот Христијан Мицкоски рече дека Предлог-законот е повлечен и ќе оди на јавна дебата.
- ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ НЕМА ДА ВАЖИ ЗА ТЕНДЕРИТЕ ВРЕДНИ 21 МИЛИОН ЕВРА ЗА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“, ЌЕ ГИ СПРОВЕДУВА ФОНДАЦИЈАТА НА ЧЕЛО СО ДИРЕКТОРОТ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ
- ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПАТ ЗА КРАДЕЊЕ ДРЖАВНИ ПАРИ СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ „СКОПЈЕ 2028“ ЌЕ ТРОШИ БЕЗ ТЕНДЕР, ПЛАТФОРМАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА БАРА ИТНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ



