Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, според кој се предвидува Законот за јавни набавки да не важи за трошењето на парите во овој проект, е повлечен и ќе оди на јавна дебата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој при посетата на болницата во Битола одговарајќи на новинарско прашање рече дека во јавноста се превел жесток обид за манипулација со овој закон, но за да нема никаква сомнежи процесот е сопрен.
„Еден од приоритети за спроведување на проектот е и законот којшто се прави согласно сите препораки од страна на Европската Унија. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки. Инаку, за правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга којашто е добиена уште од пред 5-6 години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, наследени од оваа Влада и од овој градоначалник. За жал, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, а тоа е да остане и било каков милиметар сомнеж во било кој процес. Затоа, на мое инсистирање, законот од Парламентот беше повлечен, истиот ќе биде ставен на јавна дебата, истиот ќе се дебатира. Малку ќе задоцниме, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто сè ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028“, рече Мицкоски.
На 28 јули до Собранието по скратена постапка беше доставен Предлог-закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ со кој се предлага и основање на Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со него се предвидува Законот за јавни набавки да не важи за трошењето на парите за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. За овој проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски.
Веднаш потоа реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и од Антикорупциската комисија и побараа Предлог-законот да се повлече оти со него се отвара пат за крадење државни пари.
Град Скопје ја формираше Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата“ на 28 јануари, а во јуни за директор го назначи Цветковски, кој дотогаш 15 години раководеше со МРТ. Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање на седница на Советот на Град Скопје како е избран Цветковски на оваа функција, рече дека тој е личност со сериозно искуство.
„Марјан Цветковски го познавам долги години. Сметам дека е човек со сериозно искуство и убеден сум дека ќе даде одлични резултати“, рече Ѓорѓиевски.
Град Скопје во февруари го објави првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра. За резултатите од конкурстот уште нема никакви информации во јавноста односно не е соопштено кои проекти се избрани и по колку пари ќе добијат.
Во септември 2023, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.
Oфицијалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори.
А. АНТЕВСКА



