ОБНОВАТА НА ОФИЦЕРСКИ ЌЕ ПОЧНЕ ОД ПОКРИВОТ, БИТОЛЧАНИ ПРЕДЛАГААТ ДА СТАНЕ РЕЗИДЕНЦИЈА И КУЛТУРЕН ЦЕНТАР

    ОБНОВАТА НА ОФИЦЕРСКИ ЌЕ ПОЧНЕ ОД ПОКРИВОТ, БИТОЛЧАНИ ПРЕДЛАГААТ ДА СТАНЕ РЕЗИДЕНЦИЈА И КУЛТУРЕН ЦЕНТАРЗа годинава, од државниот буџет се обезбедени 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом, но тие пари не се доволни

    Офицерскиот дом да прерасне во арт центар, во резиденција за истакнати гости, со концертна сала која ќе ја зачува акустиката, околу него да има павилјони за уметничка намена, отворен ресторан, па дури и трговски дуќани за да може комплексот да се самоодржува. Ова се дел од предлозите што битолчани ги изнесоа на денешната трибина „Офицерскиот дом – проект за самоодржливост и функционалност“ во организација на Ротари клубот од Битола.

    Младата архитектка Марија Кривашија презентираше дел од својот магистерски труд, предлагајќи Офицерскиот дом да прерасне во арт центар, налик на оние од Велика Британија и САД, кадешто ќе се одржуваат концерти, изложби и други културни настани, но во него да има и простории за творење на фотографи и апартмани и работни соби за уметници.

    „Визбата е ставена во употреба за технички простории и ИТ сектор, дел наменет за фотографи. Приземјето со кафе библиотека и продавница за сувенири, во центарот – културни настани и изложби на скулптури. На катот мултифункционален простор за изложби, концерти, приеми и балови, да се искористи акустичноста на просторот. Резиденцијален дел со апартмани за престој на писатели, уметниици и соби за уметничко изразување. Платото пред домот да има лизгалиште, летно кино и концерти на отворено“, рече Кривашија.

    Од Гаус институтот подготвија веб-платформа за урбан дијалог на архитекти, урбанисти и други професионалци, кои на неа ги изложуваат своите проекти, наречени по битолски дијалект „Разубај ја Битола“. Оваа платформа бесплатно ќе ѝ биде отстапена на Општина Битола, за од неа да може да црпи идејни решенија за разубавување на градот.

    Други битолчани предложија Офицерскиот дом да се искористи како резиденција каде ќе се примаат истакнати гости кои доаѓаат во Битола. Повеќето од присутните побараа државата да помогне со поголема сума на пари за да се реставрира Офицерскиот дом, кој иако е објект под заштита, со години се руинираше. За годинава, од државниот буџет се обезбедени 10 милиони денари за негова реконструкција.

    Градоначалничката Наташа Петровска, која присуствуваше на трибината, рече дека очекуваат градежната дозвола да помине во Министерството за транспорт и врски, па потоа парите да бидат префрлени во Општина Битола и да се објави тендер за реконструкцијата на покривот на домот.

    „Сметаме дека покривот е појдовната точка, од која треба да биде заштитена оваа градба. Ако овие пари беа доволни, ние немаше да аплицираме во други фондови. Општина Битола има аплицирано за реставрација на Офицерскиот дом и за изнаоѓање средства заедно со Стопанската комора во Фондот за локален и регионален развој и очекуваме нашата апликација да биде прифатена“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира