ОБРАЗОВАНИЕТО БАРА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, КЕЛНЕР И ГОТВАЧ ДА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ СЕКОЈ, А ОД ХОТАМ ВЕЛАТ ДЕКА ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА ДИПЛОМА ЌЕ ГО ЗАГРОЗИ СЕКТОРОТ

    ОБРАЗОВАНИЕТО БАРА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, КЕЛНЕР И ГОТВАЧ ДА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ СЕКОЈ, А ОД ХОТАМ ВЕЛАТ ДЕКА ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА ДИПЛОМА ЌЕ ГО ЗАГРОЗИ СЕКТОРОТДенеска, на отворениот ден во училиштето, деветтоодделенците имаа можност да се запознаат со образовните профили, практичната настава, условите за запишување и можностите за професионален развој. (Фото: СДК.МК)

    Недостигот на стручен кадар и годинава станува еден од најголемите предизвици за хотелско-угостителскиот сектор на охридско-струшката ривиера. Сезонскиот карактер на работата и масовното иселување на младите придонесува хотелите и рестораните сѐ потешко да наоѓаат квалификувани келнери, готвачи и туристички работници, особено во екот на летната сезона.

    Образовните институции предупредуваат дека проблемот не е само во недостигот на работна сила, туку и во недоволната професионализација на секторот. Според нив, потребни се и законски измени со кои професиите келнер, готвач и угостителски работник ќе добијат јасни стандарди и квалификации, бидејќи во моментов овие работни места често ги извршуваат лица без соодветна едукација и обука. Тоа директно влијае врз квалитетот на услугата и имиџот на туристичките дестинации.

    Претседателот на Хотелската асоцијација ХОТАМ, Крсте Блажески, смета дека законските измени со кои за работа во угостителството би се барала задолжителна диплома нема целосно да го решат проблемот, туку може да создадат дополнителен хаос во секторот. Според него, во угостителството веќе работат искусни кадри без формално образование, кои во таков случај би морале дополнително да се школуваат за да продолжат со работа.

    „Треба внимателно да се размисли што ќе се добие со ваквите законски измени. Хотелите и рестораните не може да престанат со работа ако некој вработен нема диплома. Можеби во ексклузивните хотели и ресторани е потребен стручно образован кадар, но помалите угостителски објекти тешко би функционирале доколку имаат обврска да вработуваат исклучиво школувани лица. Треба да ги следиме светските трендови, а речиси никаде угостителскиот сектор не е законски обврзан да вработува само кадар со формално образование“, вели Блажески.

    Во обид да се надмине проблемот, се организираат обуки и практична едукација за полесно вклучување на младите на пазарот на трудот. Регионалниот центар за стручно образование и обука (РЦСО) „Ванчо Питошески“ во Охрид е еден од носителите на процесот за создавање стручен кадар во туризмот и угостителството.

    Денеска, на отворениот ден во училиштето, деветтоодделенците имаа можност да се запознаат со образовните профили, практичната настава, условите за запишување и можностите за професионален развој.

    Учениците задоволни, велат дека покрај праксата која е клучна да бидат подготвени да градат кариера, добиваат и понуди за работа  и добро заработуваат уште додека учат.

    „Имаме многу добри услови за учење, современа опрема и практична настава преку која уште во текот на школувањето стекнуваме вистинско искуство. Најважно е што не учиме само теорија, туку работиме директно во хотели и угостителски објекти каде што се подготвуваме за реалните предизвици во професијата. Гледаме дека денес готвачите, келнерите и туристичките работници се многу барани, не само кај нас туку и во регионот, па затоа сметаме дека ова образование нуди сигурна иднина и можност за брзо вработување. Дел од нас сакаат кариерата да ја градат тука, во Охрид и Македонија, и веруваме дека со повеќе вложување и подобри услови младите ќе останат да работат дома“, вели ученик од угостителското училиште „Ванчо Питошески“.

    Од училиштето велат дека интересот кај младите расте, а токму практичната работа во хотели и ресторани им овозможува на учениците уште за време на школувањето да стекнат реални вештини и искуство.

    „Интересот за упис расте од година во година. Правиме презентации и по другите градови но кај учениците од Охрид за жал нема голем интерес. Рестораните и хотелите постојано бараат работници. Радува тоа што платите во овој сектор веќе растат, келнерите веќе имаат околу 700 евра плата, готвач надминува и над 1500 евра плата, но потребно е да има законски измени да не може секој да работи во овај сектор. Така ќе се зголеми и интересот за упис во овој центар за стручно образование“, вели директорот на РЦСО „Ванчо Питошески“, Тони Андрески.

    Охридските угостители признаваат дека состојбата е резултат на години наназад, кога овие професии биле потценети и слабо платени. Денес, велат, сликата се менува добрите готвачи и келнери стануваат едни од најбараните кадри во регионот, а платите постепено растат со цел младите да останат и да ја градат својата иднина дома.

    Дополнителна предност за учениците претставува и ученичкиот дом во рамки на училиштето, кој обезбедува бесплатно сместување и храна, како и модерно опремени кабинети и услови за практична работа.

    Според туристичките работници и институциите, иднината на македонскиот туризам зависи токму од создавањето стручен, едуциран и професионален кадар. А за тоа, покрај образование и пракса, ќе бидат неопходни и посериозни системски и законски решенија што ќе ги вратат угледот и вредноста на угостителските професии.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира