ОБВИНЕТИТЕ МАЈКА И СИН ЈА ОТФРЛААТ ВИНАТА ДЕКА ГО УБИЛЕ ЗОРАН ТРАЈКОВСКИ ВО ВЕЛЕШКО ДОЛНО КАРАСЛАРИ, ТВРДАТ ДЕКА УМРЕЛ ОД ПРИРОДНА СМРТ

    ОБВИНЕТИТЕ МАЈКА И СИН ЈА ОТФРЛААТ ВИНАТА ДЕКА ГО УБИЛЕ ЗОРАН ТРАЈКОВСКИ ВО ВЕЛЕШКО ДОЛНО КАРАСЛАРИ, ТВРДАТ ДЕКА УМРЕЛ ОД ПРИРОДНА СМРТСудењето во Основен суд во Велес започна речиси десет месеци по трагичниот настан (Фото: СДК.МК)

    Во Основен суд Велес започна судењето за убиството во Долно Караслари, кое се случи на Водици годинава. Мајката и синот Марина (50) и Иле (21) Трајковски се обвинети дека со умисла на 19 јануари во нивниот дом го лишиле од живот сопругот и татко Зоран Трајковски. Обвинителката Силвија Ивановска во воведен збор кажа дека настанот се случил во терминот меѓу 16:10 и 16:48 часот на долниот кат од семејната куќа, каде што живеел Зоран.

    „Иле со рака му ги затворил устата и носот на Зоран, а Марина го држела за телото да не дава отпор, по што настапила смртта“, кажа обвинителката Ивановска.

    По ова, обвинетите беа прашани од судијката Габриела Гајдова дали се чувствуваат виновни, на што и двајцата рекое „не“. Нивниот бранител Ангел Ивановски рече дека со вештачењето ќе се докаже дека смртта била природна, а не насилна, како што стои во обдукцијата.

    „Починатиот имал повеќе болести, што резултирало со смрт. Обдукцијата не ги дала вистинските одговори за причината зошто тој починал“, рече Илиевски.

    Прво сведочеше Сузанка Стојчевска, сестра на починатиот, која не бараше обесштетување, ниту кривично да се гонат обвинетите. Таа кажа дека Зоран не бил во добри односи со сопругата и децата, тој живеел на еден кат, тие на другиот, но не знае точно зошто биле нарушени односите. Докторката која ја констатирала смртта кај починатиот сведочеше дека го познавала, бидејќи во неколку наврати повикувал доктор од Итната помош.

    „Лицето имаше проблеми со алкохолот, неколку пати бевме кај него. Критичниот ден бевме повикани да констатираме смрт. Немаше ништо сомнително, но беше чудно што собата беше уредена. Кога претходно доаѓавме, имаше многу испушени цигари и празни шишиња, а сега беше чиста и не мирисаше на алкохол, ниту имаше мирис на цигари. И починатиот беше уреден, седеше на кревет со главата зафрлена наназад. Рекоа дека покојниот повратил и затоа исчистиле“, рече д-р Алмедина Хајдарпашиќ.

    Сведочеше и д-р Александар Станков, специјалист по судска медицина, кој ја извршил обдукцијата.

    „За време на обдукцијата констатирани се повреди на носот и горната усна, крвни подливи под очите и повреди на внатрешниот дел од главата и тилот. Кршењето на носната `рскавица е настаната со употреба на сила. Повредите на мекиот дел од тилот укажуваат дека телото било на тврда подлога со главата кога е извршен притисокот. Има и траги од задушување, констатирани во белите дробови. Наодот укажува дека се работи за задушување, за насилна смрт. Се делувало со тапо тврдо силно средство, голема веројатност од рака“, рече Станков.

    На прашањето од бранителот дали е можно повредите да се од пад, докторот објасни дека тогаш би страдале најистакнати делови на главата, како аркада и јаболкници, додека нос не се кршел од пад. Дополни дека кај починатиот во моментот на смртта имало 0,47 промили алкохол во крвта и 0,23 во урината. На барање на адвокатот точно да прецизира кога настапила смртта, Станков објасни дека тоа го има само на филм.

    Судењето продолжува со сослушување на сведоци на обвинителството.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира