ОБВИНЕТИТЕ НЕГИРААТ ВИНА ЗА РУШЕЊЕТО НА ДЕЛ ОД ЗГРАДАТА НА РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС 

    ОБВИНЕТИТЕ НЕГИРААТ ВИНА ЗА РУШЕЊЕТО НА ДЕЛ ОД ЗГРАДАТА НА РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС Дел од зградата на Работничкиот универзитет во Велес се сруши на 17 јуни 2022 година. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите за рушењето на дел од зградата на Работничкиот универзитет во Велес кажаа дека не се чувствуваат виновни, на почетокот на процесот кој започна во велешкиот Основен суд. Рифат Беровиќ (38) како физичко лице е обвинет за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, а правното лице „ДТТУ Беровиќ транспорт“ со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за Предизвикување опасност при градежни работи.

    „Ние дознавме од медиумите дека објектот се срушил. Во тој период таму не работевме, си заминавме на 2 јуни“, кажа обвинетиот Беровиќ.

    Обвинителката Анастасија Миланова изјави  дека обвинетите го сториле делото при изведување градежни работи и со умисла.

    „При ископ на градежна јама, постапиле спротивно на прописите за градење. Делото го сториле со умисла“, кажа Миланова.

    Според обвинителниот акт, изведувачите иако градежна фирма лиценцирана за таа работа, знаеле дека пред да почнат со ископ на градежна јама треба да имаат соодветен проект за заштита на градежната јама, заштита на соседни објекти и дека во работа треба претходно да биде воведен надзорот. Не биле преземени соодветни мерки за обезебдување на соседите и земјишето. Работеле без проект за заштита на градежна јама, започнале со нејзин широк ископ веднаш до темелите на зградата на Работничкиот универзитет. Како последица на ова, на 17 јуни 2022 се срушил дел од зградата кој е лоциран до градежната јама.

    Бранителката на обвинетиот Беровиќ, адвокатката Верица Арсова, одбраната ја темели на тоа што тој работел на објектот само четири дена, две седмици пред да се сруши зградата.

    „Обвинетиот само четири дена бил присутен на објектот, изведувал градежни дејствија, ископ на површински слој на земја во длабочина до два метри. Не се точни наводите дека работел до средината на мај до средината на јуни 2022 година. Ќе докажеме дека обвинетиот извршувал подготвителни дејствија од 30 мај до 2 јуни, кога го напуштил објектот. После него продолжиле со работа на објектот други фирми. Не е утврдено какви дејствија презеле тие што продолжиле, до која длабочина работеле“, рече Арсова.

    Слична е одбраната и на Елвид Сарачевиќ, одговорно лице на обвинетото правно лице „ДТТУ Беровиќ транспорт“.

    „Од изјавите на сведоците кои ги предолживме, ќе слушнеме кој ја копал јамата, кој ја докопал, кои фирми правни лица биле на терен, кога се случило рушењето на објектот. Ќе потврдиме дека кога се срушил објектот немало присуство на обвиентите, ниту пак нивни машини биле на терен“, кажа адвокатката.

    Судењето продолжува со сослушување на сведоци на обвинителството.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира