ОБВИНИТЕЛОТ НЕ РЕАГИРАШЕ НА ТВРДЕЊЕТО НА ВЕШТАЦИТЕ ДЕКА НЕМА ШТЕТА ОД НЕПРАВИЛНОСТИТЕ ВО ИЗГРАДБАТА НА ТЕАТАРОТ ВО ТЕТОВО

    ОБВИНИТЕЛОТ НЕ РЕАГИРАШЕ НА ТВРДЕЊЕТО НА ВЕШТАЦИТЕ ДЕКА НЕМА ШТЕТА ОД НЕПРАВИЛНОСТИТЕ ВО ИЗГРАДБАТА НА ТЕАТАРОТ ВО ТЕТОВООбвинителството на крајот од расправата побара да се изврши супервештачење на случајот што беше прифатено од одбраната на обвинетите. (Фото: СДК.МК)

    Со давање изјави на вештите лица предложени од страна на одбраната, денеска продолжи судењето за неправилностите при изградбата на новиот театар и библиотека во Тетово. Првин беше сослушан Владимир Поповски, како претставник од Министерството за култура како оштетена страна, но тој не знаеше ниту кое е обвиненито, ниту можеше да каже колкава е предизвиканата штета, бидејќи немало направено вештачење и дека Министерството за култура само имало покренато иницијатива во однос на постапка и начинот на реализацијата на објектот.

    Во изјавата дадена пред судот Билјана Гигоска , како вешто лице од областа на економско-финансиско, материјално и сметководствено работење, изјави дека единечните цени по позиции биле идентични во усогласените понуди, а што се однесува до зголемувањето на обемот на работата, вкупната вредност не надминала 30% што било во согласност со Законот за јавни набавки.
    Во изјавите пред судот на Антон Кајтази и Лилјана Ковачева, како вешти лица од областа на архитектурата и урбанизмот исто така беше кажано дека не утврдиле никакви неправилности во изградбата и посебно во делот на надзорот на изградбата на објектот кој го вршел обвинетиот Бујар Муча.

    На ваквите извештаи на вештите лица, претставникот на Обвинителството речиси воопшто не реагираше ниту поставуваше дополнителни прашања. Единствено, на крајот од расправата побара да се изврши супервештачење на случајот што беше прифатено од одбраната на обвинетите, а судијата Елведин Ферати кажа дека судот ќе одреди кој ќе го изврши супервештачењето.

    Наредното рочиште е закажано за први јуни.

    На обвинителната клупа се Сејди Шашивари, сопственик и управител на правното лице од Тетово „Урбан план констракшн“, самото правно лице, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, Артан Арслани, претседател на Комисијата за јавни набавки и потоа в. д. директор на Центарот за култура и Муча како главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган при спроведувањето на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020 година. Според обвинителниот акт, Шашивари како првообвинет и правното лице како второобвинето, се товарат за кривичното дело Злоупотреби во постапката за јавни набавки, Фазлиу и Арслани се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластување, а Муча за Несовесно работење.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира